На денешен ден во 1990 година, почина Лав Ивановиќ Јашин, најдобриот голман на сите времиња

На денешен ден во 1990 година починал еден од најдобрите голмани во историјата на фудбалерот, легендарниот Лав Ивановиќ Јашин. Во својата 20 годишна успешна кариера, Јашин остана запаметен по своите неверојатни одбрани, а беше препознатлив на теренот по црната опрема, поради која го добил и надимакот „Црн пантер“.

Јашин целосно ја имал променето улогата на голман во тимот. Станал првиот голман кој во вистинска смисла на зборот царувал во шеснаестерецот и бил последен играч во одбраната. Во време кога позицијата голман не се сметала за толку потребна на теренот, тој имал влијание на играта како и сите фудбалери.

Јашин командувал со својата одбрана, нешто што денес е нормално за сите голмани во светот, но во тоа време, ваквото нешто било новина. Бил неверојатно атрактивен, вистински атлета. Имал врвна координација, изведувал акробатски одбрани, имал фантастичен рефлекс, а поради страста кон играта, бил почитуван од сите љубоители во целиот свет.

Лав Јашин е роден во 1929 година во Москва. Бил дете на индустриски работник, а веднаш откако почнала Втората светска војна, бил принуден да почне да работи во фабрика за правење на муниција, иако имал само 12 години. До 18 година работел во воена фабрика и играл за нивниот фудбалски тим.

Тогаш преминал во Динамо од Москва и таму ја минал целата своја кариера (1950-1970). Со овој клуб пет пати бил шампион на СССР, а освоил три Купа. Малку луѓе знаат дека во Динамо имал неуспешно деби. Примил гол откако противничкиот голман ја вратил топката во игра, а Јашин во својот шеснаесетник се судрил со еден од своите дефанзивци. Дури три години потоа чекал нова шанса во првиот тим на Динамо Москва.

Во меѓувреме, Јашин бил очаен, а утехата ја наоѓал бранејќи за хокеарскиот тим на Динамо, кај својот фудбалски гуру Чернишов. Бил прилично успешен. Во својата богата биографија го има освоено и националниот куп.

Бранел на чечтири Светски првенства во периодот од 1958 година, до 1970 година. За репрезентацијата на Советскиот сојуз бранел 78 пати, што за тоа време бил импонзатен број на мечеви, затоа што се играле многу помалку натпревари отколку денес. Го освоил Европското првенство во 1960 година, а во 1966 година бил вицешампион на светот. Има и злато од Олимписките игри во Австралија во 1956 година.

Не можел да се замисли себе си во друг клуб. По триумфот на ЕУРО 1960 година, одбил неверојатна понуда да премине во Реал Мадрид. Легендарниот претседател на Реал, Сантијаго Бернабе, се обидел да го донесе понудувајќи му бланко чек, но одговорот бил негативен.

„Не можам да замислам да живеам некаде надвор од Русија“, му порачал Јашин.

Кога се разделиле Сантијаго им се обратил на момците пред него:

„Навистина сум подготвен за него да ја платам секоја цена. Дури и ако треба ќе ги продадам семејните дијаманти, или ќе влезам во долгови. Но, знам дека ни таа цена нема да биде доволна, затоа што господин Јашин нема цена, како и сликите на големиот мајстор кои се наоѓаат во музејот Прадо“, изјавил Сантијаго.

Од 12 мечеви на Светското првенство, на четири тој не примил гол. Од 400 мечеви во кариерата, на 270 Јашин успеал да ја сочува мрежата. Одбранил дури 151 пенал во кариерата, што е најмногу во историјата.

Јашин е единствениот голман во историјата на фудбалот кој успеал да ја освои престижната награда „Златната топка“, која се доделува на најдобриот фудбалер во годината. На него му припаднала во 1963 година.

„Кога Јашин ќе застане на голот, за топката не постои ниту најмал простор за да мине зад гол линијата. Раките му се долги како на пантер и секогаш е облечен во црно. Има обичај силните удари да ги спречи со една рака, додека остатокот од телото му останува неподвижен како карпа. Тој може со еден поглед, не поместувајќи се од местото, да ја смири топката“, пишувале хроничарите во шеесетите години од минатиот век.

„Постои еден голман кој ова признание го заслужува повеќе од мене. Тоа е Југословенот Владимир Беар. Големиот Владимир“, изјавил Јашин, во моментот кога му е врачена „Златната топка“.

Дури осум пати бил прогласен за најдобар голман во Европа, избран е во идеалниот тим на Светското првенство, а во 1998 година, по изборот на ФИФА влегол во најдобриот тим на 20 век. Најголемото индивидувално признание го добил во 2000 година, кога бил прогласен за најдобар голман на 20 век.

Јашин би еден од најпопуларните спортисти во светот, па често деталите од неговиот приватен живот стигнувале до јавноста. Бил страствен пекар, ловец, но и пушач. Знаел да пуши и по половина кутија цигари за само еден ден.

„Пред секој меч пушам по една цигара за да ги смирам нервите, а потоа ќе испијам жесток пијалок за да ги олабавам мускулите“, изјавил Јашин, откривајќи го трикот за тајната на неговите чудесни одбрани.

Славата го немала пореметено. Сакал да им помогне на луѓето кои биле сиромашни и имале многу малку. Слободното време го минувал во својата викендица, а уживал во друштвото на своите ќерки. Вели дека обожавал и да готви. За себе вели дека водел мирен семеен живот.

 

 

Текстот На денешен ден во 1990 година, почина Лав Ивановиќ Јашин, најдобриот голман на сите времиња е превземен од Reporter.mk.