Македонските туристички агенции најавија официјален почеток со работа на 4. мај и враќање кон нормалните работни обврски кои ќе значат подготвување за годинашната сезона.
Грција е една од омилените туристички дестинации на македонските туристи. Своите туристички објекти таа планира да ги отвори во периодот од 15 јуни до 1 јули и така да започне со мало задоцнување годинашнава сезона.
Таа планира да им даде влез во државата на туристи само од одредени земји, главно од Балканот, додека за Западно Европските земји каде што вирусот зеде најголем замав, најверојатно ќе стави црвено светло. Со тоа Грција планира да има туристичка сезона и таа годинава да трае подолго.
„Од 4 мај, постепено, Грција се враќа во нормала“, изјави државниот министер на Грција Јоргос Герапетритис.
Тој во интервјуто за грчката телевизија „Скај” изјави дека секоја седмица ќе имаат по едно отворање.
„Ќе ги имаме трговските продавници, училиштата, кон средината на јуни отвараме врата за туристите, но внимателно. Ќе дозволиме влез на турсити од региони кои имаат стабилни бројки во борбата со пандемијата. Нашата цел е туризмот да се активира, под услов да се заштити јавното здравје и да се прават неопходните контроли за да можеме да го грантираме нивото што го имаме денес. Сакам да потенцирам дека благодарение на направените напори, нашите туристички дестинации останаа незаразени, немаме многу големо ширење на вирусот на нашите туристички дестинации и ова ни создава надеж, но и многу голема одговорност да го задржиме ова ниво“, рече државниот министер на Грција за ТВ „Скај” .
Дека туризмот во Грција наскоро се враќа во живот, потврди и портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас.
„Полека, до крајот на мај, средината на јуни во голема мерка ќе се вратиме во нормала. Најголемиот проблем и најголемата наша грижа во однос на економската активност е туризмот“, рече портпаролот на грчката Влада.
Отворање на границите за туристи најави и грчкиот министер за туризам Харис Теохарис.
Тој во интервју за „Би-Би-Си“ вели дека земјата прави напори да ги отвори границите, но дека истите нема да бидат отворени за сите и рече дека за почеток би било добро да се воспостави билатерална комуникација и патување за само некои земји. Меѓу нив тој ги спомна и некои од земјите од Балканот.
Теохарис објасни дека за отворањето на границите, постои дискусија со здравствените експерти, кои ќе го имаат последниот збор.
„Сега сме во процес на разработка на протоколите кои ќе бидат доставени до експертскиот комитет и се надеваме дека ќе ни дадат одобрение постепено да отвораме“, рече грчкиот министер.
Македонските туристички агенции очекуваат дека оваа година ќе имаме продолжена сезона. Она што е добра вест е што ситуацијата со пандемијата не делуваше врз зголемување на цените на понудите, тие практично остануваат исти, а напоменуваат дека сите резервации “first minute“ по најниски цени, кои беа направени пред кризата со пандемијата, важат преку новоиздадени ваучери кои клиентите ќе можат да ги искористат до крај на 2021 година.
Некои од дестинациите кои најавуваат старт на туристичката сезона:
– Египет, релативно добро стои кога станува збор за борбата со пандемијата и е исклучително флексибилен тирустички пазар со многу популарни цени и врвна услуга, така што ова ќе биде стенд бај дестинација за многу туристи од нашиот регион на која се смета.
– Црна Гора и Хрватска исто така најавуваат отварање.
– Хрватите се оптимисти и сметаат дека не гледаат ништо црно во оваа туристичка сезона, затоа што ќе ја има. Идната недела, Владата на Република Хрватска ќе разговара за предложените мерки за отклучување на хрватската економија. Најреални мерки на релаксација се токму оние од областа на туризмот.
– Исто така Австријската министерка за туризам Елизабет Коинстингер во официјална изјава најави отварање на државата за туристи од земји во кои вирусот е под контрола. “Слободата на патувањата ќе остане ограничена, но за земјите кои се успешни во оваа битка, преку билатерални договори, ќе дозволиме туристи и нивна посета” – стои во нејзината изјава.
Текстот На летување во Грција од средината на јуни, ќе се примаат туристи само од држави што добро се справуваат со короната е превземен од Reporter.mk.