Навивачка група на Динамо Загреб помага при транспорт на бебињата по силниот земјотрес

Навивачката група на Динамо Загреб, „Бед Блу Бојс”, денеска помогна за време на транспортот на бебињата од клиничкиот центар во Загреб, кој беше погоден од земјотресот.

Утрово околу шест часот и дваесет минути, градот Загреб и околината беа погодени од силен земјотрес со јачина од 5,3 степени по Рихтер. Епицентарот на земјотресот е седум километри од градот Загреб.

Хрватските медиуми пренесуваат дека хрватската метропола се тресела силно десет секунди. Луѓето во паника почнале да излегуваат на улица. Во центарот на градот има материјална штета, а делови се без струја и вода.

Се рушеле и ѕидови на куќи, а оштетена е и катедралата. Засега не е познато дали има жртви, но од Итната помош пренеле дека добила голем број на повици од граѓани за помош.

Навивачите на Динамо брзо се организираа и со маски на лицето, излегоа на улиците да помогнат околу санирање на штетата.

Тие изминатите денови, поради епидемијата на коронавирусот, помагаа во селењето на Клиничката болница Дубрава, потоа и разнесуваа лекови и намирници на старите и немоќни и им помогаа на пожарникарите.

 

Текстот Навивачка група на Динамо Загреб помага при транспорт на бебињата по силниот земјотрес е превземен од Reporter.mk.