Њујорк во Скопје на вчерашниот концерт на „Постмодерн џубокс“

Со хитовите на Кети Пери, Џастин Бибер, „Вајт страјпс“, Тејлор Свифт, преработени во џез, блуз и свинг стил, американскиот бенд „Постодерн џубокс“ го донесе духот на Њујорк во Скопје. Популарните музичари уште со првата песна ја крена публиката во Македонска филхармонија на нозе.

„Ни треба вашата помош. Ајде сите со ракоплескање да им дадеме ритам на песните што ги подготвивме за вас“, рече басистот на бендот Адам Кубота, на почетокот на концертот.

На сцената се менуваа четворица музичари, придружувани од бенд и степ-танчерката која го привлече најголемото внимание на публиката и секое нејзино излегување на сцената беше испратено со овации и силен аплауз. Публиката воодушевена од концертот во винтиџ стил, ги врати „Посмодерн џубокс“ на бис, а тие ветија дека и на следната турнеја ќе дојдат во Скопје.

„Бевте прекрасна публика. Ви благодариме за љубовта што ни ја дадовте вечерва и што ни ја давате изминативе години“, рекоа пред да си заминат од сцената.

Концертот на „Постмодерн џубокс“ беше во организација на „Авалон“.

(А.Ј)
Фото: Стефан Рајхл

Омилените песни во винтиџ-стил на концертот на „Постмодерн џубокс“

Текстот Њујорк во Скопје на вчерашниот концерт на „Постмодерн џубокс“ е превземен од Reporter.mk.