Двајца осудени криминалци освоиле на лотарија четири милиони фунти, но добивката сè уште не им е исплатена затоа што организаторите и полицијата се сомневаат дека грепката ја купиле со украдена кредитна картичка.
Марк Годрам и Џон Рос Ватсон велат дека ќе ги тужат организаторите на лотаријата и правдата ќе ја бараат на врховен суд, поради неисплатената сума на пари пишува британски „Сан“.
„Треба да живееме како милионери и затоа ќе ја тужиме лотаријата. Имаме добитна грепка. Каде се нашите пари? Ние си ги знаеме нашите права“, изјавиле добитниците Марк и Рос.
Организаторите на лотаријата не им ги исплаќаат парите затоа што велат дека нивните грепки се купуваат исклучиво од луѓе кои имаат банковни сметки. Од таму објаснуваат дека ниту еден од добитниците нема сметка во банка, а приказната за тоа како ја купиле грепката ја менувале во неколку наврати.
Според последната верзија, нивен пријател им позајмил десет фунти за да ја купат грепката. Но, неговото целосно име и податоци одбиваат да ги откријат затоа што, како што велат, тој сакал да остане анонимен.
Марк има 22 осудителни пресуди и е поврзан со 45 криминални дела. Од затворот излегол неколку дена пред извлекувањето на добивката. Тој и понатаму се надева дека добивката ќе му биде исплатена и дека со неа ќе може да си купи луксузна недвижнина. Ако тоа не се случи, вели дека е подготвен правдата да ја бара на Врховен суд.
Марк и Џон велат дека првите луѓе на лотаријата не сакаат да ги исплатат затоа што го откриле нивното минато и дознале дека биле во затвор. Тие велат дека сега треба да бидат во Лас Вегас, а не да продолжат да живеат на клупите во Лондон како и досега. Велат дека преживуваат благодарение на парите кои ги добиваат од пријателите.
„Пријателите ни испраќаат пари. Иако ги немаме добиено парите, со денови славиме како милионери и секој ден откако излеговме од затвор ни е фешта“, изјавил Марк.
Текстот Осуденици ќе ги тужат организаторите на лотарија затоа што не им ги даваат освоените милиони е превземен од Reporter.mk.