Седиштето на Регионалниот совет во Венето, кое се наоѓа во близина на Каналот Гранде во Венеција, за првпат во историјата се најде целото под вода откако советниците ги отфрлиле предложените мерки за борба против климатските промени.
Италијанскиот град Венеција деновиве се соочува со една од најлошите поплави во последните 50 години. Градоначалникот Луиџи Брунаро поплавата ја нарече „рана што ќе остави траен белег“.
Просториите во палатата Феро Фини почнаа да се полнат со вода околу десет часот вечерта, додека советниците расправаа за регионалниот буџет за 2020 година.
„Иронично е тоа што просториите се поплавија само две минути откако мнозинството советници ги одби амандманите за борба против климатските промени“, изјавил претставникот на Демократската партија Андреа Занони.
Во одбиените амандмани спаѓаат и мерките за финансирање на обновливите извори, замена на дизел-автобусите со поефикасни и помалку загадувачи, мерки за укинување на печки што загадуваат и мерки со кои се намалува загадувањето со пластичен отпад.
Додека портпаролот на регионалниот Совет, Алесандро Овизах, за Си-ен-ен потврди дека просториите се веќе поплавени, претседателот на Советот, Роберто Чамбети, ги отфрли наводите на Занони.
„Ние гласаме за регионален буџет кој во изминатите три години потроши 965 милиони евра во борбата против загадувањето на воздухот, што е пресуден фактор во климатските промени. Да се каже дека не правиме ништо по тоа прашање е лага“, изјавил Чамбети.
Додал дека Венето е регион во кој по поплавите во 2010 година е покренат план за заштита на хидрогеолошката безбедност во вредност од 2,6 милијарди евра, што е исклучително висок износ за регионалниот буџет, пренесува РТС.
Чамбети на својот профил на „Фејсбук“ објави видеозаписи од поплавата во палатата Феро Фини.
„Вакво нешто никогаш се нема случено. Преградите кои беа отпорни на поплави не беа доволни за да се спречи бранот вода, ниту имавме можност да ја напуштиме зградата. Мислевме дека сме доволно заштитени и безбедни па затоа никој не го напушти состанокот“, изјавил Чамбети во изјава за весникот „Џорнале ди Виченца“.
Инаку, состаноците на Регионалниот совет поради поплавите се преселени во Тревизо, е наведено на сајтот на Советот.
Текстот Откако советниците ги отфрлија мерките против климатските промени, им се поплави седиштето е превземен од Reporter.mk.