Обединетите нации соопштиле дека Земјината озонска обвивка конечно заздравува од штетата што ѝ била предизвикана од употребата на аеросол-спреевите. Обвивката над Земјината северна хемисфера целосно ќе заздрави до 2030 година, се наведува во новиот извештај на светската организација.
Озонската обвивка почна да се намалува во доцните седумдесетти години од минатиот век, а научниците предупредиле дека тоа е последица на широката употреба на хемикалии што го уништуваат Земјиниот заштитен атмосферски појас.
Како резултат на акцијата што е преземена, се очекува озонската обвивка над Земјината северна хемисфера целосно да заздрави до 2030 година и дека озонската дупка на Антарктикот ќе исчезне околу 2060 година.
Обвивката над јужната хемисфера ќе заздрави до половината на овој век, е проценка од студијата на научници објавена на конференцијата во Еквадор.
„Тоа е навистина добра вест. Доколку се продолжи со намалување на употребата на супстанци што ја загрозуваат озонската обвивка, ќе бидеме сведоци на исклучително големи ефекти. Но, не мислам дека ќе можеме да прогласиме победа до 2060 година. Тоа ќе го направат нашите внуци“, изјавил Пол Њуман, главниот научник за прашања за Земјата од „Годар спејс флајт“ центарот на НАСА.
Озонската обвивка ја штити Земјата од ултравиолетови зраци, кои предизвикуваат рак на кожата, како и голем број други проблеми. Користењето хемикалии наречени хлорофлуорокабронати, кои ослободуваат хлроин и бромин, ја уништува озонската обвивка.
Во Монтреал во 1987 година е потпишан договор кој предвидел замена за овие штетни хемикалии. Озонската обвивка почнува на 10 километри од Земјата, а дебелината ѝ зависи од локацијата и годишното време.
Текстот Озонската обвивка околу земјата заздравува, велат од Обединетите нации е превземен од Reporter.mk.