Денеска ќе се одржи првата Парада на гордоста во Скопје. Целта на овие прошетки е да се испрати протестна порака и повторно отворање на прашањата за човековите права на ЛГБТИ луѓето, како што велат од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.
Луѓето од ЛБТИ заедницата поддршка на парадата побараа од владини претставниц, политичари, јавни личности, активисти и граќани. Денешниот марш ќе започна во 12 часот во паркот Жена Борец, а ќе заврши во Градскиот парк каде ќе има обраќање на активисти и претставници на граѓански организации.
Во исто време денеска ќе се одржи и марш во насока на промоција на традиционалните вредности на општеството, која ќе се одвива паралелно со Парадата на гордоста. Организацијата наречена „Сојуз за живот“ повикува на мирен протест за промоција на „вистинските семејни вредности.“
Парада на гордоста: историјат, цели, пораки, транспаренти…
Прајд е манифестација на ЛГБТИК-лицата по повод Меѓународниот ден на гордоста, која во светот се одбележува од 1969 година. Освен карневалските забави, парадите на гордоста, исто така, имаат политичка важност за насочување на вниманието на јавноста кон ЛГБТ-човековите права.
Почетокот на модерното движење за остварување на правата на лезбијките и геј-лицата се смета судирот помеѓу демонстрантите и полицијата при рација во барот „Стоунвол“ во Гринвич Вилиџ, Њујорк, улица „Кристофер“, во ноќта на 27 кон 28 јуни 1969 година.
Делот од гостите кои отстапувале од родовите стереотипи (најчесто трансродовите лица и т.н. буч-лезбијки) и персоналот на тој геј-бар одбија мирно да го поднесуваат полициското насилство и се спротивставија на полициските службеници кои се обидуваа да ги приведат. На трансвеститите (драг квинс), лезбијките и геј-мажите, кои првпат се здружија против полициската (државна и социјална) репресија, им се придружија на припадниците на антивоеното движење, движењето за права на Афроамериканците, жените, левичарските политички струи, студенти и овој инцидент се претвори во седумдневни улични демонстрации против дискриминација против хомосексуалците и лезбијките, но исто така и против дискриминацијата воопшто.
Првите паради одиграа значајна политичка улога во еманципацијата на ЛГБТ-луѓето, јакнењето на видливоста и поставувањето на барањата за почитување на правата на лицата со различна сексуална ориентација. Во Њујорк и Атланта, овие маршеви биле наречени „Gay Liberation Marches“, а на Западниот Брег „Gay Freedom Marches“. Меѓутоа, во 1980-тите, поконзервативните струи во рамките на ЛГБТ-заедницата добиваат поголема сила, ја преземаат контролата врз овие маршеви, а имињата Геј-ослободување, односно Геј-слобода, се заменуваат со Геј-прајд (гордост).
Поголемиот дел од парадите се организираат во средината на годината, со цел да се одржи традицијата на одбележување на Денот на гордоста на ЛГБТ-лицата, но, гледано на светско ниво, ги има во текот на цела година.
Парадата на гордоста во Берлин во 2006 година собра 450.000 посетители. Таа година беше формирана цела нова генерација организации, идентификувајќи се со зборот „геј”, што покрај сексуалната ориентација значеше и радикално нова основа за самоидентификација во смисла на отворен политички активизам. Најголемиот дел од ЛГБТИК-активизмот сега се смета за продолжување на ова движење.
Прајд – Меѓународен ден на гордоста
Прајд-манифестацијата, како Меѓународен ден на гордоста, се состои од поворка на гордоста, политички говор и пригодна забавна програма.
Прајд-манифестацијата најчесто го носи името на градот по што следува зборот прајд или нејзин превод. Најпознати такви мафинестации во Европа се Лондон прајд и Сохо прајд, кој е неколку недели по лондонскиот, Бирмингем прајд… Европрајд од 1992 година се одржува секоја година во некој од европските градови.
Најголем европски прајд е „ЦСД Келн“, на кој секоја година учествуваат над милион лица. Прајд-манифестацијата во Германија се вика Ден на Кристофер штрасе, според улицата Кристофер на која се наоѓал барот „Стоунвол ин“.
Транспаренти и пораки
За време на Парадата на гордоста, учесниците и учесничките носат транспаренти со интересни пораки од политичка, најчесто иронична содржина, извикуваат познати слогани на движењето ЛГБТИК и свират со свирчиња во ритамот на тапаните од парадното возило. Покрај задолжителните свирчиња и транспаренти, незаменливи се знамиња во боите на виножитото – симбол на геј и лезбијското движење, како и останати знамиња и симболи како грчката буква ламбда (ослободување), лабриса (лезбијска сила и лезбијска егзистенција), буквата Q (queer), знамиња и симболи на бисексуални, трансродови и интерсексуални лица, како и останатите движења што ја поддржуваат парадата – најчесто екозелени, феминистички, анархо-синдикални, мировни и антивоени и повеќето левичарски и либарални.
Текстот Парада на гордоста во Скопје: Судирот со полицијата ноќта во јуни ја започна борбата на лезбијките и геј-лицата е превземен од Reporter.mk.