Боингот 737 на кинеската авиокомпанија „Ер Чајна“, кој во вторникот со 153 патници и девет членови на екипажот летал од Хонг Конг во Далијан, во период од десетина минути, се спуштил од 10 600 метри вистина, на само 3000 метри.
Патникот кој на кинеските медиуми им го дал само неговото презиме, Ванг, раскажал дека наеднаш во целиот авион, над седиштата, испаднале маските со кислород, поради што луѓето се испаничиле, но, за среќа, никој не настрадал. Авионот веднаш ја вратил својата вообичаена висина. Исто така се наведува дека пилотите одбиле да го приземјат леталото на најблискиот аеродром, со оглед на тоа што неочекуваното спуштање на висината, не оставило никакво оштетување на авионот. Пилотите продолжиле со летот до одреденото место.
„Само ни јавија дека во пилотската кабина дошло до декомпресија“, изјавил патникот Ванг.
Сепак, кинеската агенција за цивилно воздухопловство, одлучила детално да го истражи овој случај, особено откако од неколку различни извори можело да се слушне дека виновник за ова се пилотите кои направил инцидент со цигарите. Наводно, пилотите во кокпитот запалиле цигари, поради што дошло до нагол пад на притисокот, а според мислењето кое го дале и други експерти за воздушен сообраќај, спорен е фактот што кинеските пилоти и по испаѓањето на маските со кислород, не сакале да го спуштат авонот, туку продолжиле со летот.
Еден инженер од воздухопловството, кој сакал да остане анонимен, за „Саут Чајна морнинг пост“, објаснил дека пилотите можеби сакале да го сокријат случајот со димот од цигарите, па го исклучиле вентилаторот во кокпитот за да спречат циркулација на димот во кабината.
„Можно е да притиснале погрешно копче, на пример она за затворање на пневматските вентили за изолација, кои влијаат на притисокот во кабината, што можело да предизвика паѓање на маските“, додал дотичниот инженер.