Еден од основачите на компанијата „Мајкрософт“, Пол Ален, почина синоќа на 65-годишна возраст, соопштија од неговата компанија „Вулкан“.
Претходно овој месец Ален открил дека Хочкиновата болест, од која се лечел во 2009 година, се вратила и дека планира агресивно да се бори против неа.
Поради кавгата со Гејтс, го напушти „Мајкрософт“
Пред компанијата да премине во џиновска корпорација Ален го напушти „Мајкрософт“ во 1983 година. Тоа се случило по расправијата со Гејтс, но благодарение на првобитниот партнерски удел, можел до крајот на животот да ужива во милијардите што ги трошел на јахти, спортски клубови, истражувања на мозокот и недвижности.
Го наговорил Гејтс да се откаже од студиите и да се приклучи во револуцијата со персонални компјутери
Ален школувањето го продолжил на Универзитетот Вашингтон стејт, но од студиите се откажал во 1974 година и се вработил во Бостон. Додека бил таму упорно го наговарал Гејтс, кој студирал на Харвард, да ги напушти студиите и да му се приклучи во револуцијата на персонални компјутери
Гејтс на крајот се согласил и во 1975 година двајцата заедно го развиле бејзик-софтверот за Алтаир 8800, компјутер што тогаш чинел 400 долари.
Идејата на Ален била да го наречат Мicro-Soft (спој од зборовите микрокомпјутер и софтвер).
Ален бил филантроп и инвеститор, особено во спортот и вселенските патувања.
Текстот Почина еден од основачите на „Мајкрософт“ е превземен од Reporter.mk.