Почина креаторот на „Сунѓерот Боб“

Креаторот на популарната анимирана серија „Сунѓерот Боб“, Стивен Хиленбург, почина на 57 години.  Американскиот аниматор, сценарист и режисер лани во март објави дека боледува од амиотрофна латерална склероза (АЛС), но продолжи да работи на серијата од која се досега емитувани околу 250 епизоди.

Поранешниот наставник по поморска биологија, Хиленбург, ја почнал кариерата во анимацијата во 1987 година. Ликот на сунѓерот Боб го креираше во 1999 година, со синхронизација на преку 60 јазици.

„На почетокот мислевме дека ќе има најмногу четири сезони, но сè уште правиме нови епизоди. Денес го гледам сунѓерот Боб на камиони за сладолед, имам голема колекција сувенири со него од Мексико, а во Египет дури направија да носи хиџаб“, изјави пред неколку години Хиленбург.

Тој на почетокот на оваа година беше награден со специјална награда „Еми“ за придонес во сферата на анимираните филмови.

Текстот Почина креаторот на „Сунѓерот Боб“ е превземен од Reporter.mk.