Практични совети како да го исчистите вашиот накит

Со текот на времето, секое парче накит го губи својот сјај, се собира прашина во празните делови, накитот ја губи бојата, па затоа му е потребно чистење. Секој накит се чисти различно, па „Репортер“ има совети како да го исчистите вачето злато, сребро, бисерите, цирконите и скапоцените камења.

Злато

Златото во суштина е најотпорно и ретко кога го губи својот сјај и бојата, но и накитот направен од злато собира прашина, па затоа е потребно од време на време да го потопите во неколку капки разблажен детергент. Оставете го да отстои околу 15 минути, а потоа истријте го со стара четкичка за заби. Испрете го и потоа исушете го со чист пешкир.

Густо наредени циркони

Ако имате парче накит со камчиња или циркони густо наредени едно до друго, тогаш посебно внимание треба да обрнете на неговото чистење. Нечистотијата лесно се собира во празните просторчиња измеѓу камењата, но никако не смеете да го исчистите со четка затоа што тоа може да ги оштети камчињата или пак да ги помести од лежиштето. Наместо тоа, направете раствор од топла вода и детергент и потопете го накитот. Оставете го да отстои околу 15 минути, а потоа исперете го и исушете го со чиста мека крпа.

Бисери

Бисерите се најделикатните камења и затоа никако не смеат да се чистат како останатиот накит. Не користете силно абразивно средство или груби остри материјали (четки, крпи) при чистењето на бисерите.Тоа ќе го отстрани нивниот површински слој и сјај, а потоа и ќе ги изгребе. Натопете мека крпа во раствор од вода и разблажен детергент, а потоа така исчистете ги. Немојте да ги потопувате во вода!

Сребро

За разлика од златото, среброто лесно менува боја и потемнува со текот на носењето, па затоа е неопходно постојано да го чистите. Постојат повеќе методи за чистење на среброто, а најлесниот можен начин е да го истриете со стара четкичка и паста за заби.

Скапоцени камења

Скапоцениот камен е многу скап и ако сакате да го задржите неговиот сјај, неопходно е редовно да го чистите. Најдобриот начин е со помош на чистата крпа и средството за чистење прозорци.

Текстот Практични совети како да го исчистите вашиот накит е превземен од Reporter.mk.