Приведен убиецот на бугарската новинарка Маринова

Бугарскиот државјанин Северин Красимиров е приведен во Германија поради убиството на телевизиската новинарка Викторија Маринова.

Ова вчера го изјави министерот за внатрешни работи на Бугарија Младен Маринов. Тој додаде дека е утврдено согласување на земената ДНК на приведениот и онаа која е пронајдена на местото на злосторството.

Главниот обвинител на Бугарија изјавил дека станува збор за Северин Красимиров, роден во 1997 година. Тој во отсуство е обвинет за силување и убиство.

Обвинителот додал дека е издадена европска потерница за Красимиров. Во меѓувреме романскиот државјанин кој беше задржан во привор во рамки на истрагата за убиството на бугарската новинарка Викторија Маринова, е пуштен на слобода и против него нема да биде подигнато обвинение.

„Нашата работа продолжува. Засега не можеме да објавиме никакви докази и да ги соопштиме околностите како се случил целиот настан. Државјанинот на Романија ќе биде пуштен на слобода“, изјавил шефот на регионалната полиција во градот Руса Теодор Атанасов.

Бугарската истражувачка новинарка Викторија Маринова (30) е брутално претепана, силувана и задавена во саботата во градот Руса на северот на Бугарија, а нејзиното тело е пронајдено во парк во близина на река. Маринова била новинарка и уредничка на бугарската телевизија „ТВН“, и известувала за истрагата за наводната корупција поврзана со фондовите на Европската унија.

Бугарското обвинителство соопштило дека е покрената истрага на основа на сомнение за злоупотреба на фондовите на ЕУ, додека полицијата го истражување силувањето и убиството на Маринова.

Маринова минатиот месец водела емисија за двајца истражувачки новинари кои биле уапсени поради работата на наводите за проневера на фондовите на ЕУ.

 

 

 

Текстот Приведен убиецот на бугарската новинарка Маринова е превземен од Reporter.mk.