Продолжуваат пеколните температури

Сончевото и жешко време со температури до 40 степен и портокалова фаза, ќе се задржат во земјава до 14 август. Потоа, ќе дојде до мало намалување на температурите од околу 3-4 степени.

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со слаб југоисточен ветер. Дневните температури ќе се движат од 30 до 41 степен. Во Скопје температурата ќе достигне до 39 степени. УВ индексот ќе изнесува 9. И утре не очекува слична состојба. На 14 август (среда) температурата ќе достигне до 40 степени. Во среда попладне и во четврток ќе има зголемување на облачноста и пороен локален дожд и грмежи, па тогаш се очекува мало намалување на температурите – максималната температура во четврток ќе биде 37 степени. Во петок и во сабота температурата ќе достигне до 36 степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Министерството за здравство издаде препораки да се ослободат од работните обврски бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, сите работи на отворено да запрат во период од 11 до 17 часот, особено кај градежните работници.

Граѓаните во целиот летен период треба да ги почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, што значи дека во текот на екстремно топли денови треба да останат подолго време во затворени простории (пред се климатизирани), а ако престојуваат на отворен простор во овој период, да најдат можност за почести одмори под сенка, да носат светла и лесна облека, при директна изложеност на Сонце да носат заштитни очила и капа, при сончање да користат крема со висок заштитен фактор, да внесуваат помалку храна, главно овошје и зеленчук, но големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, да избегнуваат алкохолни пијалаци, а хронично болните редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

 

Текстот Продолжуваат пеколните температури е превземен од Reporter.mk.