Професорот Балтазар наполни 50 години

Еден од омилените цртани ликови на децата што растеа во 1980-тите и 1990-тите години, професорот Балтазар, наполни 50 години. Креатор на хрватскиот цртан филм е Златко Гргиќ, кој ја направи приказната за необичниот научник кој со своите изуми им го олеснува животот на другите луѓе од Балтазар Град.

Цртаниот филм е создаден во Загрепската школа за цртани филмови во 1968 година. Професорот Балтазар е наменет за деца на возраст од четири до девет години, но тој е цртан филм кој уживаа да го гледаат и возрасните.

Серијата беше снимена до 1977 година, вкупно 38 епизоди, во траење од десет минути. Серијата се прикажуваше во повеќе од 30 земји.

„Од секоја епизода гледачите можеа да научат нешто ново и уште повеќе да го засакаат главниот лик. Со својата мудрост, несебичност и подготвеност да им помогне на сите, професорот Балтазар освои многу срца. Професорот Балтазар нè научи како да бидеме пријатели. Со него откривме што стои зад зборот солидарност и покажа зошто е важно да им помогнеме на другите кога се во неволја, но исто така и дека искреноста и добрината секогаш победуваат“, рекоа авторите за хрватските медиуми.

 

Текстот Професорот Балтазар наполни 50 години е превземен од Reporter.mk.