Првиот заеднички одмор е сериозен тест за секоја врска. „Репортер“ ви открива како да ги заобиколите главните „замки“ кои можат да го претворат вашето романтично патување во вистински пекол.
Судир на интереси
Мислите ли дека одморот на плажа е опција само за пензионерите? Пред да ја разгледате опцијата со автобус да посетите некои знаменитости, прашајте го вашиот партнер што мисли за тоа. Одењето низ град на 40+ степени не е задоволство за секого. Ако повеќе сакате да имате активен одмор, а вашиот дечко сонува за „ол-инклузив“ пакет, дури и изборот на земјата за одмор може да ви предизвика судир на мислења.
Морате да правите компромиси. Пробајте да испланирате избалансиран одмор – посетете ги сите знаменитости во првата половина од својот одмор, а другата половина да ја посветите на опуштање, пливање и сончање.
Планирање на буџетот
Парите се болна тема за секој пар, а патувањето, за жал, подразбира значајна потрошувачка. За да не губите време и нерви на одморот, мирно поразговарајте со партнерот за сите прашања поврзани со патувањето пред да одите на одмор. Сакате ли да платите одвоено или сакате да организирате заеднички буџет? Кој што ќе плати? Колку планирате да потрошите на патувањето? Овие прашања ќе ви помогнат да ги избегнете неоправданите очекувања.
Повици и друштвени мрежи
Одите на одмор под услов дека во секое време ќе можете да бидете во контакт и повремено ќе одговарате на електронската пошта? Разговарајте за тоа однапред со својот партнер. Ако е можно, обидете се да се исклучите од виртуелниот свет и да го посветите денот само на одморот – тоа позитивно ќе влијае на вашата продуктивност во иднина, како и на вашиот однос со саканата личност.
Фотосесии
Многу двојки се скарале на одморот поради неуспешните слики, покажало едно испитување во Британија. Сите сакаме да го освежиме својот инстаграм-профил со убави летни слики од патувањето, но немојте да правите проблем ако вашиот партнер неуспешно ве фотографирал во новиот костим за капење. Обидете се да уживате во моментот, затоа што тоа нема да се повтори!
Треба да бидете сами
Ако пред својот прв заеднички одмор сте се гледале само преку викендот, тогаш ве очекува нов предизвик: после сé, на патуваето морате да бидете заедно 24/7. Ова е добар начин да проверите дали вие и вашиот партнер сте спремни да живеете заедно. Меѓутоа, не морате да бидете врзани еден со друг на сила, можете да ја оставите саканата особа да се сонча на базен додека вие ги посетувате локалните трговски центри или го истражувате местото. Дозволете си себеси емотивен простор доколку мислите дека ви е потребен.
Итни ситуации
Доцните на авион? Ја изгубивте камерата? Сте се отруле со храна во локалниот бар? Очигледно не сте го очекувале ова кога сте го планирале романтичното патување. Но, немојте да дозволите инцидентот потполно да го уништи вашиот одмор. Во никој случај немојте да се обвинувате меѓу себе за тоа што се случило и обидете се да се сконцентрирате на позитивните аспекти.
Запомнете дека заедничко решавање на проблемот е непроценливо искуство кое ќе го зајакне вашиот однос и ќе ве подготви за вашиот иден заеднички живот.
Текстот Прв заеднички одмор со партнерот – испланирајте совршено патување без да се расправате е превземен од Reporter.mk.