Рошин Марфи, ирската пејачка што се прослави со бендот „Молоко“, вечерва ќе биде главна ѕвезда на забавата A1 World of Music што ќе се одржи пред арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Освен неа, на големата забава ќе настапат и Каролина Гочева со Македонска филхармонија, Лозано, „Фанк шуи“ и германскиот диџеј Але Фарбен.
Ова ќе биде трето гостување на Марфи во Македонија. Таа стана популарна во 1990-те години како членка на електронското дуо „Молоко“ и заедно издадоа четири албуми, на кои беа хитовите Sing it Back, The Time is Now и многу други. По распаѓањето на групата во 2004 година, Рошин продолжи со соло кариера и објави четири албуми.
Влезот за настанот е бесплатен, а почнува во 20 часот со концертот на „Фанк шуи“. Лозано ќе пее од 20:45, Каролина ќе се појави на сцената во 21:45, а концертот на Марфи е најавен за 23:15. Забавата ќе заврши со диџеј сетот на Але Фарбен, кој ќе трае до 2 часот изутрина.
Текстот Рошин Марфи од „Молоко“ ѕвезда на забавата „Светот на музиката“ во Скопје е превземен од Reporter.mk.