Швајцарската федерална полиција го прогласи рускиот богаташ Роман Абрамовиќ за закана по јавната безбедност и ризик по репутацијата на земјата, доколку тој стане нејзин резидент. Ова го пишува Гардијан, пренесувајќи ја информацијата која ја објавиле швајцарските медиуми во вторникот.
Абрамовиќ во вторникот ја изгуби седумесечната законска битка со еден новински издавач, чија цел било да се спречи објавувањето на причината поради која Абрамовиќ не успеа да обезбеди престој во Швајцарија.
Битката меѓу рускиот олигарх и издавачот „Тамедиа“ од Цирих почнала во февруари, откако медиумската група дошла во посед на деталите од писмото на полицијата од која е побарано од страна на државниот секретаријат за миграција да дадат своја проценка за тоа дали треба на Абрамовиќ да му дозволат да се пресели во кантонот Вале.
Абрамовиќ кој во Лондон поседува резиденција вредна 90 милиони фунти, се пријавил за престој во Швајцарија во јули 2016 година, со надеж дека таму ексклузивниот скијачки резорт Вербија ќе го претвори во свој официјален дом.
По деталното разгледување на пријавата на еден од најбогатите луѓе на светот, полицијата укажува на повеќе работи. Според извештајот кој го објави „Тамедиа“, полицијата навела дека Абрамовиќ е познат поради сомнежите за перење на пари и претпоставката дека има контакти со криминални организации.
Исто така во извештајот е нагласено дека постојат причина да веруваат дека средствата со кои располага апликантот, се со делумно нелегално потекло. Адвокатот на Абрамовиќ, Даниел Глас на експлозвините обвинувања тогаш одговори со тужба.
Исто така планира да поднесе кривична пријава против секој кој ќе ја прошири оваа информација.
Текстот Швајцарските власти го гледаат Роман Абрамовиќ како државен непријател е превземен од Reporter.mk.