Театар Комедија денеска во 19:30 часот, со претставата „На отворено“ ќе гостува во Прилеп, во рамките на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Претставата ќе биде изведена на сцената на Народниот театар.
Режисер е Андреј Цветановски, а во неа играат Атанас Атанасовски, Тино Костадиновски, Тони Денковски и Сергеј Димовски. Претставата е работена според драмскиот текст на Мрожек, „На отворено море“.
„’На отворено’ е едночинка која зборува за гладот во секоја смисла на зборот. За борбата за моќ и за начините да дојдеш до неа, како и за тоа каков ќе излезеш како човек од таа борба. Еден шекспирски заплет, гледан низ комична призма. Горка комедија за време на која смеата ти застанува во грло“, изјави режисерот Цветановски.
Претставата премиерно беше изведена на 25 април. Сценограф е Сергеј Светозарев, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, драматург Дарко Јан Спасов, а музиката ја направи Димитар Андоновски.
Текстот Театар Комедија вечерва на МТФ „Војдан Чернодрински” е превземен од Reporter.mk.