До 3.000 евра неделно заработуваат елитните проститутки во големите летувалишта на бугарското крајбрежје. Нивните поскромни колешки, кои се среќаваат со туристите покрај брегот, добиваат меѓу 300 и 400 евра. Толкави се заработувачките во јули, а за август се очекува да бидат поголеми, објави бугарскиот весник „Труд“.
За младите Англичани и Германци, Бугарија веќе се стекна со имиџ на секс дестинација. Странците коментираат дека во Бугарија повеќето девојки се убави, а цените се пониски од Шпанија, Италија, па дури и од Грција.
Над 20.000 Бугарки заработуваат од проституција при што од половина до две третини од нив „работат” во странство. Тие главно работат во Западна Европа, но голем е бројот и на „гастербајтерки“ во Грција и Кипар. Заработувачката таму достигнува до 40.000 евра месечно, но имаат и поголеми трошоци, наведува „Труд“.
Експертите од ЦИД го делат пазарот на секс услуги на три дела. На најдолното ниво се проститутките, кои работат на отворено – на ТИР паркинзи, гранични премини и мотели крај автопатите, на познати собиралишта во големите градови, крај железнички и автобуски станици, зафрлени патишта и слично. Според истражувањето, тие можат да имаат од седум до 20 клиенти дневно, а тарифите им се од седум до 15 евра во зависност од видот на услугата. На Запад тој вид проститутки заработуваат од 30 до 50 евра.
На второто ниво се проститутките кои работат во затворен простор. Меѓу нив се оние кои се продаваат во бордели и клубови за масажи, изнајмуваат станови или соби во евтини хотели и хостели, работат во еротски клубови „со консумација”. Во истата категорија се и девојките кои се „на повик” на адреса. Се смета дека тие опслужуваат од двајца до шестмина клиенти на ден. Цените кај нив почнуваат од 30 до 50 евра за сеанса и стигнуваат до 200 евра ако бидат ангажирани за цела ноќ. Тарифите им се поблиски до оние на нивните колешки во Западна Европа.
На највисокото, трето ниво се елитните проститутки. Според истражувањето на ЦИД, таму спаѓаат модни и рекламните агенции, фирми од естрадата и забавата. Кај нив, износите се по договор и понекогаш можат да стигнат до 500 евра зa сеанса, а на Запад – и до 3000 евра.
Текстот Три илјади евра за проститутки во Бугарија е превземен од Reporter.mk.