(Видео) Одржан првиот говор на претседател на држава под вода

Претседателот на Република Сејшели, островска држава во Индискиот Океан, Дени Фор, одржал говор за заштита на океаните од климатските промени. Говорот го одржал од подморница во длабочините на Индискиот Океан. Ова е првпат некој претседател во живо да одржи говор пред јавноста од подводно пловило.

Претседателот ѝ се обратил на јавноста додека бил во подморницата заедно со британска научна експедиција, која ги истражувала длабочините на Индискиот Океан.

Океаните покриваат две третини од светската површина, но за најголемиот дел од нив нема направено доволно мапи за нивното дно, вели Фор.

Претседателот изјавил дека човекот направил подобри и поголеми мапи од планетата Марс, но не и од дното на океанот.

„Ова прашање е поголемо од сите нас и не можеме да чекаме на следната генерација да го реши. Можам да кажам дека ни снемуваат дури и зборови со извинување за нашето неделување. Ни снемува и време“, изјавил претседателот на Сејшели.

Фор во подморницата бил заедно со експедиција на научници од Универзитетот на Оксфорд, кои го следеле подводниот живот. Експедицијата скицирала мапи од големиот дел од морското дно. Навлегувајќи длабоко во водите, на 121 метар под површината на морето, тие користеле и подводни дронови.

Фор бил облечен само во маица и шорц и вели дека искуството било исклучително и дека сега бил одлучен повеќе од кога било претходно да се залага за заштита на океанот.

„Ние само треба да го направиме тоа што е потребно да се направи. Научниците го кажаа своето“, изјавил Фор.

Улогата на океанот во регулирање на климата и заканата со која истите се соочени се потценети, иако океаните даваат половина од кислородот што го дишеме. Научните мисии се важни за проверка на здравјето на подводниот екосистем. Малите островски држави се најчувствителни на подигањето на нивото на морето поради климата.

Ерозијата на тлото, уништениот корален гребен и зголеменото учество на случувања настанати поради екстремните времиња, се закана за постоењето на малите островски држави.

Малку се знае за животот во морињата на длабочина поголема од 30 метри. Тоа е границата до која нуркачите може да набљудуваат. Научниците кои нуркаат на длабочина до 500 метри, за првпат ја испитувале областа со голем диверзтет, каде сончевата светлина слабее и почнува длабокиот океан.

До крајот на мисијата научниците се надеваат дека ќе спроведат преку 300 обиколки и ќе соберат околу 1400 примероци во 16 терабити податоци, а ќе прегледаат и околу 25.000 квадратни метри од морското дно, користејќи сонарна опрема со висока резолуција.

Податците ќе им помогнат на жителите на Сејшели да ја прошират својата политика и да заштитат третина од својата национална вода до 2020 година. Иницијативата е важна за жителите на Сејшели и тоа ќе биде обид да се направи рамнотежа меѓу развојот на економијата и зачувување на животната средина.

„Во овие длабочини гледам неверојатна природа на која ѝ е потребна заштита. На екосистемот кој настанал со милениуми наназад му е нанесена штета со несогледливи последици. Низ години создадовме проблеми, кои сега можеме да ги решиме“, изјавил Фор.

Во моментов заштитени се само околу 5% од светските океани. Голем дел од земјите во светот имаат направено договори со кои се согласиле овие области да се прошират на 10% до 2020 година. Експертите и борци за зачувување на животната средина велат дека е потребно оваа бројка да стигне до 30 и 50% од океаните.

Само на тој начин ќе може да се осигура морскиот биодиверзитет.

 

Текстот (Видео) Одржан првиот говор на претседател на држава под вода е превземен од Reporter.mk.