(Видео) Пилот по грешка, место во Дизелдорф слетал во Единбург, патниците мислеле се шегува

Патниците во авионот „Бритиш ервејз“ кој полетал од Лондон се изненадиле утринава кога наместо во германскиот град Дизелдорф, слетале во шкотската престолнина Единбург.

До грешка дошло поради неточно поднесен план за лет, кој го навел пилотот и членовите на екипажот да помислат дека требало да полета за Единбург. Патниците забележале дека дошло до грешка дури откако авионот слетал, а тие добиле порака „Добредојдовте во Единбург“.

Авионот подоцна полетал за Дизелдорф, а од „Бритиш ервејз“, наведуваат дека соработуваат со компанијата WDL Aviation, за да откријат зошто е поднесен погрешен план за летањето.

WDL Аviation управуваат со тој лет преку договор за лизинг. Од „Бритиш ервејз“ претпоставуваат дека до грешката дошло откако некој го повторил истиот план за летање од претходниот ден кога авионот летал од Лондон до Единбург и назад.

Во соопштението на „Бритиш ервејз“ се наведува дека компанијата се извинила на патниците поради инцидентот и истакнува дека безбедноста ниту во еден момент не им била загрозена.

Софи Кук (24) која секоја недела патува од Лондон до Дизелдорф поради работа, изјавила дека сите помислиле дека пилотот се шегува кога изјавил дека авионот слетал во Единбург. Таа додала дека пилотот подоцна ги прашал патниците да ја подигнат раката, ако сакаат да одат за Дизелдорф.

„Сите подигнале рака“, додала Кук.

„Пилотот изјави дека не знае како настанала грешката. Тој изјавил дека тоа никогаш претходно му се нема случено и дека екипажот се обидел да направи се што може за да ја поправи работата“, додала Кук.

Текстот (Видео) Пилот по грешка, место во Дизелдорф слетал во Единбург, патниците мислеле се шегува е превземен од Reporter.mk.