Принцот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Саламан, планира во северозападниот дел на земјата да го изгради градот Неом, кој ќе чини повеќе од 500 милијарди долари. Во овој град нема да важат исламските закони и жените ќе ги имаат истите права како во западните земји.
Принцот има желба во иднина во овој град да организира спектакуларни спортски настани, како што е трката во Формула 1 или бокс-меч на светски шампиони. Градот ќе биде завршен во 2030 година, а властите велат дека местото е идеално за бокс-мечот меѓу Ентони Џошуа и Енди Руиз.
Властите уште пред две години, кога е изработена студијата за изградба на градот на иднината, ангажирале голем број експерти за јавни служби од целиот свет. Тие работат на проектот како советници. Кога ќе биде завршен, градот ќе функционира целосно независно од остатокот на земјата.
Во него ќе важат законите подеднакво за двата пола, исто како во западните земји, а неговите советници ќе можат да уживаат и во алкохолот. Во Ријад веруваат дека градот на иднината од 2030 година ќе може да ја намали зависноста од нафтата. „Амнести интернешенел“, организацијата за заштита на човековите права, ја критикуваше Саудиска Арабија, поради намерите да организираат големи спортски настани, затоа што сметаат дека тоа го прават само за да го подобрат имиџот, поради нивната негативна и нарушена репутација.
Следниот месец во Џеди е закажано финалето на шпанскиот Суперкуп, на кој би требало да учествуваат фудбалските клубови Барселона, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид и Валенсија. Јавниот сервис РТВЕ веќе најави дека ќе го пренесува овој настан. Во план е ги голема велосипедска трка по изгледот на „Тур де франс“, како и коњски трки со награди од преку 20 милиони долари. Во тек се и преговори за одржување на „Формула 1“ трка, чии сопственици бараат гаранции за почитување на човековите права, правата на жените и слободата на печатот.
Во Ријад проценуваат дека поедноставно ќе биде градот Неом да се издвои од јурисдикцијата од остатокот на земјата.
Сè поголем број луѓе бегаат од земјата
Значително е зголемен бројот на Саудијци кои бараат азил во странство. Според официјалните податоци, во 2017 година, вкупно 815 лица со државјанство на Саудиска Арабија побарале азил во странство, додека во 2012 оваа бројка била 195. Порастот на барање за азил се поклопува со сè поголемото влијание кое Бин Салман го има во земјата, имајќи го тоа предвид дека кралот е тешко болен. Државјаните на Саудиска Арабија се најчести баратели на азил во САД, Канада, Германија, Шведска, Велика Британија и Австралија.
Текстот (Видео) Принцот на Саудиска Арабија во пустина ќе гради град од 500 милијарди долари е превземен од Reporter.mk.