Првите две епизоди од втората сезона од ТВ-серијата „Фамилијата Марковски“ на 22 август премиерно ќе бидат прикажани на годинешното јубилејно издание на Сараевскиот филмски фестивал. Покрај македонскиот ТВ-проект, дел од програмата Avant Premiere Gala се уште четири балкански серии од висока продукција.
Првата сезона македонската серија ја имаше во 2017 година и наиде на позитивни критики и популарност кај публиката. На фестивалот премиера ќе има и втората сезона на српската историска драма „Сенки над Балканот“ на Драган Белогрлиќ. Покрај овие две, ќе бидат прикажани и епизоди од српските серии „Беса“ и „Групата“, и словенечката серија „Езерото“.
„Со самото тоа што новата сезона ќе биде дел од една ваква селекција, на реномиран филмски фестивал како што е Сараевскиот, значи признание за нас, како и за модерната македонска телевизиска продукција. Серијата ќе се прикажува и во нашата земја, но со оглед дека сè уште се прецизираат деталите, информациите ќе ги објавиме набргу“, велат од продукцијата „Арт проект лаб“, која стои зад серијата „Марковски“.
Серијата „Фамилијата Марковски“ раскажува за секојдневието на едно просечно македонско семејство. Главните улоги ги толкуваат Александар Микиќ, Силвија Стојановска, Владимир Петровиќ, Тамара Ристоска и Петар Петковски. Режисер на серијата е Даријан Пејовски. И втората сезона ќе има нови осум епизоди, а ќе се емитува од есен.
Текстот Втората сезона на „Фамилијата Марковски“ ќе има премиера на Сараевскиот филмски фестивал е превземен од Reporter.mk.