Одговорните лица во амбасадата на Еквадор во Лондон, лажат за трошоците кои се направени за време на седумгодишниот престој на основачот на „Викиликс“ Жулијан Асанж. Од Министерството за надворешни работи изјавиле на почетокот дека оваа сума изнесувала шест милиони долари.
Сепак од Државната контролна комисија на Еквадор ја негирале оваа сума и објавиле дека Асанж ги чинел даночните обврзници на Еквадор 800.000 долари. Комисијата во извештајот наведува дека парите најмногу биле потрошени на лекарски услуги, храна, безбедност и обезбедување на комуникација на Асанж пренесува Itar Tas.
Во седум години, колку Асанж поминал во амбасадата на Еквадор, потрошени се 795,372 долари и 71 цент, велат од Комисијата. Министерот за надворешни работи на Еквадор Хосе Валенсија на 11 април изјавил дека престојот на Асанж во амбасадата на Еквадор чинел шест милиони долари.
Валенсија изјавил дека 5,817 милиони долари биле потрошени на обезбедувањето на Асанж, додека 400.000 долари биле потрошени на лекарски услуги и 300.000 долари за правни советници.
Како што наведува агенцијата, официјалните лица на Еквадор, сеуште не ја објасниле големата разлика во бројките кои ги изнеле министерот Валенсија и Државната комисија.
Асанж по седум години минати во амбасадата, пред неколку недели беше уапсен и на 1 мај беше осуден на 50 недели затвор, поради кршење на условите за кауција.
Против основачот на „Викиликс“ повторно е покрената истрага за наводно силување во Шведска, додека негово испорачување бара и САД.
Текстот За престојот на Асанж во амбасадата на Еквадор се потрошени 800.000 долари е превземен од Reporter.mk.