Казахстанскиот Тутанкамoн или Златниот човек, кој е најпознатото археолошко откритие на Казахстан, на 11 јули ќе биде изложен во Археолошкиот музеј во Скопје. Изложбата од Националниот музеј на Казахстан во Нур-Султан е насловена „Патувањето на Златниот човек во музеите ширум светот“.
Златниот човек датира од 5 век пред нашата ера и научниците го идентификуваат како воин на народот Сака. Откриен е во тумуларна гробница во Исик, во близина на главниот град Алмати во 1969. Неговото тело е покриено со неколку илјади златни апликации, комплет кој се состои од кошула, чизми и накит за глава. Се претпоставува дека златните обетки и прстени кои се пронајдени во гробот, исто така, му припаѓаат нему. Од прогласувањето на независноста на Казахстан во 1991, Златниот човек стана симбол на казахстанското национално богатство.
На изложбата, која ќе биде отворена до 11 август, ќе бидат изложени 189 ексклузивни предмети, меѓу кои: накит, предмети со рунски натписи, воена опрема, коњска опрема и традиционални ракотворби. Влезот ќе биде бесплатен.
Текстот Златниот човек на Казахстан од 5 век пр.н.е ќе се изложи во Скопје е превземен од Reporter.mk.