Шпанската едрилица „Сан Хосе“, која потонала во Карипското Море, недалеку од брегот на Колумбија пред повеќе од 300 години, е пронајдена пред три години со помош на подморница управувана од Океанографскиот институт „Вудс хол“ (WHOI).
„Не зборувавме за тоа од почит кон колумбиската влада“, изјавил Роб Муниер, потпретседател на WHOI за морски објекти и операции.
Точната локација на остатоците на „Сан Хосе“, која често се нарекува и „Светиот грал“, долг период е сметана за една од најголемите поморски мистерии, пренесува АП.
„Сан Хосе“ во текот на битките со британските бродови во време на војната за шпанското наследство на 8 јуни 1708 година потонала со 600 патници и членови на екипажот. Заедно со нив потонало и целото злато, сребро и смарагди.
Богатството на едрилицата се проценува на 17 милијарди долари и е предмет на правен спор на неколку нации и приватни компании.
Пред неколку недели УНЕСКО упатила апел до Колумбија да не ги користи остатоците од едрилицата за комерцијални потреби. Засега точната локација на местото на кое потонала шпанската едрилица останува државна тајна.
Засега богатството лежи недопрено на морското дно, пренесува АП.