Брена ја раскажа љубовната приказна со Боба Живојиновиќ

Љубовната приказна на Лепа Брена и Слободан Боба Живоиновиќ почнала во 1986 година. Двајцата велат дека имале впечаток дека судбината ги споила.

„Кога се сретнав со Боба ми се допаднаа неговата спонтаност и искреност и знаев дека исто како јас нема многу време за губење бидејќи нашите кариери тогаш беа во својот зенит. Си реков – сега или никогаш! Се сеќавам, се сретнавме по премиерата на првиот дел од филмот ‘Хајде да се волимо’ во Домот на синдикатот. Нè запозна Рака Ѓокиќ“, раскажала популарната пејачка за Блиц.рц. Таа вели дека уште на првата средба се прегрнале како веќе да се познаваат. „Кога се прегрнавме со Боба почуствував нешто што не го доживуваш со секого. Пеперутки во стомакот, енергија, флуид“, раскажала Брена. Подоцна ја почнале врската, а се венчале на 7декември 1991 година. На свадбата присуствувале околу 600 гости.

Најпопуларната пејачка на Балканот и познатиот српски тенисер се во брак 27 години, а нивната свадба беше прогласена за свадба на векот.

Кум на Боба бил експертот за тенис Јан Цириjaк, додека на Брена, нејзиниот долгогодишен менаџер Рака Ѓокиќ.

Сите покани имале врежани иницијали „ББ“. Неколку часа пред свадбата Лепа Брена и Боба ги поздравиле гостите во хотелот, таа носела сино кратко фустанче, а тој костум.

Младенците биле во одлично расположение , а по стапувањето во брак, невестата го фрлила бидермаерот, кој отишол во рацете на нејзината добра пријателка и помлада колешка Драгана Мирковиќ, додека гостите ги забавувала Ванеса Шокчиќ.

Ваквата свадба чинела тогашни 50 000 германски марки. Сепак, имало и незгода пред почетокот на веселбата,  неколку часа претходно пукнала цевка во салата, па  веселбата се префрлила во друга сала.

Биле подготвени 650 видови јадења, голем број коктели и многу месо на скара. Свадбената торта била на пет ката.