Дебела пара за Меган, рипнаа трошоците во кралскиот двор

Поради Меган Маркл трошоците на кралското семејство скокнале за 40 отсто, пишуваат британските медиуми. Пресметки покажале дека сумата што принцот Чарлс ја троши финансирајќи активности на принцот Вилијам и Кејт и на принцот Хари се зголемиле за 40 отсто кога 36-годишна Меган се појавила на кралската сцена.

Принцот Чарлс платил 6,5 милиони долари за принцот Хари, принцот Вилијам и Кејт минатата година, споредено со претходната година кога дал 4,6 милиони долари, што е скок за околу 2 милиони долари.

Британските медиуми бележат дека трошоците пораснале на крајот на 2017 година, кога Хари и Меган се свршиле и дека тоа може да се препише на јавните ангажмани на американската актерка, која од 19 мај и официјално е кралска снаа.

Веројатно на порастот на трошоците влијаела и цената на фустанот што Меган го носеше на фотографиите од свршувачката – парче на „Ралф и Русо“, кое чинеше 78.000 долари.

Како принцот Чарлс може да си дозволи да го плати сето тоа? Тој плаќа за неговите деца и нивните сопруги преку својот наследен имот, Војводството Корнвол, во чиј посед се 131.000 акри во 23 области во Југозападна Англија. Се проценува дека тој имот годишно носи во просек 28,5 милиони долари.

Британски „Телеграф“ исто така објавува дека трошоците за патување на кралското семејство пораснале од 5,9 милиони долари во 2016 година на 6,1 милион долари во 2017 година. На пример, патувањето со воз на кралицата Елизабета и на војвотката Меган при посетата на Чешир, Англија, чинело околу 26.000 долари од кралскиот буџет