Браќата Мартин и Стефан Филиповски од рок-дуото „Некст тајм“ ова лето ќе настапат на музичкиот фестивал „Една љубов“ што ќе се одржува во Македонија и Бугарија. На прес конференцијата во Софија, Бугарија, каде што беше најавен меѓународниот фестивал, тие ни открија дека ќе пеат на сите осум концерти годинава, во Скопје, Софија, Банско, Струмица, Варна, Русе, Кавадарци и Стара Загора.
„Мило ни е што ова лето ќе пееме и пред македонската и пред бугарската публика. Годинава бележиме 10 години од почетокот на нашата кариера, а преку ‘Една љубов’ ќе ја претставиме нашата музика и пред публика што досега не слушнала за нас“, рекоа Стефан и Мартин за „Репортер“ во Софија.
Мартин и Стефан ја почнаа кариерата 2008 година со песната „Не верувам во тебе“. Следната 2009 година ја претставуваа Македонија на Евровизија во Москва со песната „Нешто што ќе остане“. Браќата имаат снимено два албума, „Некст тајм“ и „На крајот на денот“. Тие потоа направија подолга музичка пауза, а на сцената наместо со препознатлива рок-песна се вратија со преработкаа на народната „Ја излези Ѓурѓо“. Потоа ја преработија и песната „Слушам кај шумат шумите“ за која снимија филмски спот и добија многу позитивни критики во Македонија, но и надвор од неа.