Две награди за Димитар Андоновски на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Пејачот и композитор Димитар Андоновски, освои две награди за музика на 54. издание на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Тој доби признанија за музиката што ја напиша за претставите „На отворено“ од театар „Комедија“ и „Пиреј“ на Прилепскиот театар.

„Денес сум посебно среќен. Денес му благодарам на Бог и славам дупла среќа. Денес добив признание за мојата работа во театар и тоа за двата проекти на кој работев годинава. ‘На отворено’ во соработка со Театар Комедија и „Пиреј“ во соработка со Прилепски театар. Истите се наградени за најдобра музика на престижниот фестивал за театар „Војдан Чернодрински“. Чест ми беше да правам музика и да соработувам со луѓе од кои секојдневно собирам искуства, но и црпам инспирација. Сакам јавно да им се заблагодарам на режисерите Андреј Цветановски и Љупчо Ѓорѓиевски за укажаната доверба и чест да ја компонирам музиката за претставите, но и на директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски, и претпоставените на театарот ‘Војдан Чернодрински’ од Прилеп за укажаната доверба и чест да соработувам со нив. Ова е заеднички успех на сите нас, на сите соработници и силно посакувам и во иднина да бидеме вака плодни, полни со нова енергија, да создаваме театар и да чекориме кон заеднички успеси,“ напиша Димитар по освоените награди.

Поп-пејачот, кој од неодамна е дел од „Тајфата“, веќе неколку години компонира театарска музика. Тој компонирал музика и за детски претстави, а ја компонираше музиката за српската претставата „Хасанагица“, за која, исто така, освои награда.

Текстот Две награди за Димитар Андоновски на фестивалот „Војдан Чернодрински“ е превземен од Reporter.mk.