(Галерија) Македонец главен во Бразил, стана заштитно лице на „Најки“

Македонскиот модел Никола Марковиќ стана едно од заштитните лица на новата кампања за спортскиот бренд „Најки“, наменета за земјите во Јужна Америка. Новата кампања има цел да ги мотивира сите луѓе што спортуваат. Па, овој пат, наместо професионални спортисти, тие за рекламите користат обични луѓе што се занимаваат со разни спортови. Фотографиите со Никола се направени во Бразил, а ги сликал српскиот фотограф Данило Анѓус.

„Данило е мој долгогодишен пријател, сме соработувале и порано. Двајцата бевме во Бразил во времето кога од ‘Најки’ го поканиле да ја слика новата кампања, тој ме исконтактира и ги направивме фотографиите. Навистина ми е чест што можам да соработувам со толку голем бренд кој своите мотивациони слогани ги претвора во реалност, а во овој случај мене ми даде можност да бидам дел од нивната кампања“, раскажа Никола за „Репортер“.

Новата кампања под слоганот Nike Just Do It Dream Crazy за сега е наменета само за Бразил и уште неколку земји во Јужна Америка. Но, Никола вели дека неговиот договор со компанијата ќе трае една година и дека во тој период постои можност да направи уште неколку фотосесии за нив.

Никола со моделинг се занимава девет години. Кариерата ја гради надвор од Македонија и скоро и да не слика во земјава. Првите ангажмани ги имал во Турција, а работи во Италија, Германија, Кина, Индонезија, Индија, Шпанија, Дубаи, Јужноафриканска Република, Бразил… Досега снимал едиторијали, кампањи, лук-букови за Ралф Лорен, Армани, Гучи, Келвин Клајн, Картие, Зара, Томи Хилфигер, Ли Купер, Лидл. Имал сликања за „Вог“, „Менс хелт“, „Џи Кју“ и многу други.

(А.Ј)

Македонски модел меѓу најпопуларните во Шангај

Текстот (Галерија) Македонец главен во Бразил, стана заштитно лице на „Најки“ е превземен од Reporter.mk.