(Галерија) Македонски модел го рекламира „Томи Хилфигер“

Христијан Стојаноски – Крис, еден од новите машки модели на модната агенција „Моделс ин“ по само неколку месеци работа во Македонија, почна интернационална кариера. Во моментов 21-годишниот модел е во Индија каде што слика кампањи за познати светски брендови, меѓу кои „Томи Хилфигер“, „Адидас“, „Питер Ингланд“ и други.

„Пробивот на Крис се случи неочекувано брзо, прво кај нас, а потоа и на интернационалната сцена. Клучниот момент беше неговата кампања за ‘Бицијани’ што му ги отвори вратите во модната индустрија во соседството. По оваа кампања тој потпиша договор со ‘Фокс моделс’ од Белград, а тие се потрудија да го пласираат на странските пазари“, рече неговиот матичен агент Алек Наумовски.

Алек додава дека договорот на Крис со српската агенција завршува овој месец, но дека од септември ќе продолжи со работа во странство.

„Би сакале што повеќе да работи на интернационалната модна сцена наместо дома бидејќи тој поседува се што треба да има еден успешен машки модел: пропорции, убавина, професионалност и дисциплина“, вели Алек.

Текстот (Галерија) Македонски модел го рекламира „Томи Хилфигер“ е превземен од Reporter.mk.