(Галерија) Скопје празнува со стил: Брајан Адамс има топ концерт, сите шизат со канадскиот рокер

Канадскиот рокер Брајан Адамс вечерва ја крена на нозе публиката во А1 Aрената. Тој и уште само четири музичари на сцената, има концерт за кој ќе се зборува уште долго. Во неколкуилјадната публика има фанови од сите генерaции, но најмногу возрасни луѓе, кои велат дека отсекогаш ги слушале хитовите на 60-годишниот музичар.

“Здраво, јас сум Брајан и првпат сум во Македонија. Затоа што доаѓам првпат имам многу песни да ви испеам. Имате време? Не сте на работа сабајле? Јас имам 14 албуми, ако имате време да ги слушате,” рече Адамс и побара да го запалат светлото во салата за да ја види публиката.

Во неколкуте илјади луѓе, Адамс забележа жена во количка, па побара да ја донесат пред бината за таа да гледа подобро. “А сега да видам како играте, ајде сите да се забавуваме”, рече пејачот и публиката стана на нозе. Нема кој не скока и не шизи на концертот. Сите играат. Скопје празнува со стил…

За време на концертот се чувствува флуидот меѓу познатиот пејач и македонската публика. Пее, свири, раскажува кратки приказни, бара од сите да пеат со него. Концертот го почна со неколку песни од новиот албум, меѓу кои Shine a Light, која е посветена на неговиот починат татко. Следуваа Heaven, It’s Only Love, Cloud Number Nine, како загревање за најпознатите филмски балади, Have You Ever Really Loved a Woman и Everything I Do (I Do It For You). Популарниот рокер пее за заљубените, кои се најгласни во публиката. Пее од душа, со многу емоции, а публиката го поздравува со овации и силен аплауз по секоја песна. И ја чувствува неговата одлична енергија на сцената.

Организатор на концертот е „Авалон“, кои го најавија како последен голем концерт оваа сезона во Македонија.

Подготви: Репортер.мк

Фото: Д. Перковски

Текстот (Галерија) Скопје празнува со стил: Брајан Адамс има топ концерт, сите шизат со канадскиот рокер е превземен од Reporter.mk.