Глумците ќе го чистат Клинички од ѓубре

Глумицата Сања Арсовска, најпозната по улогата во детската серија „Пет + фамилија“ и филмот „Балканот не е мртов“ со статус на Фејсбук ги поттикна глумците од Македонија заедно да го исчистат Клинички центар Скопје од сметот. На социјалните мрежи деновиве се споделуваат фотографии од ѓубре фрлено насекаде пред, околу и во клинички, што предизвика револт кај населението.

„Сонував како ние уметниците го чистиме дворот на Кинички центар. Се разбудив и си викам, па и онака сезоните во театрите ни се завршени, ништо не работиме, што не се собираме барем еднаш неделно на некои критични места и да зачистиме ѓубре? Како уметници секако имаме должност во градење на културолошки вредности, без разлика дали се уметнички, социјални, еколошки, сообраќајни… Ако направиме некаква акција, може нешто ќе промениме во јавната свест, некој ќе сфати дека освен право на животна средина има и обврска кон истата. Некако ми дојде идејава, може е глупа, ама ако се јави некој колега расположен за вакво нешто, јас би се нафатила на драга волја“, напиша Сања на својот фејсбук-профил.

Ирена Ристиќ и Гораст Цветковски се само дел од глумците оние што веднаш ѝ дадоа поддршка на Сања, а актерката доби поддршка и од нејзини пријатели кои се подготвени да го чистат сметот.

„Решивме да започнеме со акција за чистење утре. Се наоѓаме пред влезот на Клинички центар во 10 часот.
Ќе има црни ќеси и ракавици, но за тие што сакаат да ни се придружат, нека земат нешто дополнително“, објави Сања на својот фејсбук-профил неколку часа откако го напиша првиот статус и додаде „Секој што сака да ни се придружи е добредојден“.