Идрис Елба е најсекси маж за 2018 година

Магазинот „Пипл“ го прогласи холивудскиот глумец Идрис Елба за најсекси маж за 2018 година. „Од неговата улога како наркобос со која се проби во светот на филмот, преку улоги во серии, до неговиот ангажман во франшизата на Марвел (‘Тор’), 46-годишниот Британец стана една од најголемите и најсекси холивудски ѕвезди“, стои во објаснувањето на магазинот зошто го избра токму Елба оваа година.

Популарниот глумец веста ја примил со неверување. Тој во интервјуто за „Пипл“ рекол дека никогаш не се доживувал себеси како секси маж.

„Што? Нема шанси! Навистина? Се погледнав во огледало и бев во стилот: па да, денес сум некако секси. Но, да бидам искрен, тоа беше убаво чувство, беше убаво изненадување и поттик за егото, во секој случај“, ја опишал Елба својата реакција кога ја слушнал веста дека е прогласен за најсекси маж на планетата.

Холивудскиот глумец е 33. маж што ја добил оваа титула од магазинот „Пипл“. Првата титула ја доби Мел Гибсон во 1985 година, а лани за најсекси маж беше прогласен кантри-пејачот Блејк Шелтон. На листата изминатите години се најдоа и Дејвид Бекам, Крис Хемсворт, Хју Џекмен, Џорџ Клуни, Пирс Броснан, Бред Пит, Ричард Гир, Том Круз и Патрик Свејзи.

Текстот Идрис Елба е најсекси маж за 2018 година е превземен од Reporter.mk.