Водителката Јелена Спенџарска ја откри тајната на витката линија и за читателите на „Репортер“ реши да сподели неколку совети како да бидат во топ-форма. Таа ни открива дека освен што се труди здраво да се храни, секој ден трча по 5 километри на кејот на Вардар.
„Освен трчањето, од интернет имам некои вежби за нозете и стомакот кои си ги вежбам и дома и на справите доле на кеј, и секоја вежба ја правам по 15 минути. Тие физички активности многу ме опуштаат, многу сум порасположена и многу посреќна“, ни рече Спенџарска.
Што се однесува до исхраната, таа вели дека секојдневно внимава што и колку јаде. Се пофали дека исклучиво сама готви и дека ужива во своите специјалитети, кои реши да ги сподели.
„Па да бидам искрена, дури 70 проценти од исхраната ми е овошје и салати, многу сакам зелен зеленчук, а задолжително јадам и разновидни семки. Да бидам искрена, и јас понекогаш ескивирам, ама ако имаш добар баланс, не е ништо страшно“, вели водителката. Таа ни откри дека се откажала од месо и веќе неколку месеци е вегетаријанец. „Мислам дека ова е можеби најдобрата одлука што ја донесов. Мислам дека одамна требаше да го направам ова, да се откажам од месото зашто навистина сега се чувствува, подобро и посилно“, вели таа.
Таа ги советува дамите дека не мора да плаќаат во вежбалници за да вежбаат, туку тоа може да го направат на кејот на Вардар, каде што има и справи и можност да трчаат.
„Еднаш неделно возам велосипед и тоа ми е супер. Искрено, се навлеков на патики и фитнес-опрема, и сега само тоа купувам. Навистина не знам кога последен пат купив потпетици“, вели Јелена.