Клаудија Кардинале: Не останав во Америка, зашто Холивуд многу манипулира

Малата сала на Центарот на култура во Битола беше претесна да ги прими сите заинтересирани новинари, фоторепортери и обожаватели на филмската дива Клаудија Кардинале, кои присуствуваа на денешниот разговор што го водеше Микеле де Анџелис, режисер и продуцент од Италија, пренесува Макфакс.

,,Сите ми велеа дека треба да станам актерка, па на крајот го послушав татко ми, кој силно ме наговараше, и станав актерка, раскажуваше Кардинале на почетокот на разговорот.

„Најсилното чувство во снимањето филмови е да се транформираш во друга личност, а по завршување на филмот, да и се вратиш на сопствената личност. Но, секогаш одбивав да се соблекувам гола во филмовите. Не сакав да го продавам моето тело“, истакна Кардинале, која е позната и како борец и активист за женските права, а од 2000 година е Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.

Во 1963 таа го снимила и вториот важен филм на почетокот на нејзината кариера, „Леопард“ на Лукино Висконти.

 ,,Со Висконти снимов четири филмови, тој обично не сакаше жени, но ми рече дека јас сум невообичаена жена, па затоа снимаше со мене, вели Кардинале. Фелини, пак, сакал да ја види како русокоса жена за потребите на филмот, па затоа Кардинале, која имала долга и бујна црна коса, морала да се бојадисува на секои две недели.

Текстот Клаудија Кардинале: Не останав во Америка, зашто Холивуд многу манипулира е превземен од Reporter.mk.