Ламбе собира донации за женскиот манастир Рајчица

Поранешниот пејач Ламбе Алабаковски се придружи на акцијата за собирање средства за женскиот манастир Рајчица во Дебар. Тој отвори сметка за донации на интернет-страницата GoFundMe, преку која сите што сакаат да помогнат, можат да дадат пари за манастирот. Целта е да се соберат 100 000 долари, а засега се донирани 870 долари. За „Репортер“ Ламбе раскажа дека тој не ја почнал иницијативата, но дека со задоволство прифатил да помогне.

„Само од неколку земји во светот може да се отвори GoFundMe, иницијатива за донирање. Јас со голема радост ја прифатив можноста да помогнам. Тие жени немаат други ресурси, се откажале од сè на светот, а од верниците, од народот биле поддржувани од памтивек до денес“, рече Ламбе.

И Елена Ристеска го поддржа, па преку социјалните мрежи ги повика своите пријатели да донираат за женскиот манастир.

Женскиот манастир Рајчица е дел од манастирскиот комплекс Бигорски. Датира од 16 век. Во манастирот се наоѓаат неколку реликвии, меѓу кои и дел од Светиот крст и дел од раката на Св. Ѓорѓија Победоносец.

(А.Ј)

Текстот Ламбе собира донации за женскиот манастир Рајчица е превземен од Reporter.mk.