Лозано се пишмани, на пееше на концертите за поканата во НАТО

Поп-пејачот Влатко Лозаноски на својата фејсбук фан-страна утрово објави дека вчера не пеел на концертот во Охрид организиран по повод поканата на Македонија за влез во НАТО. Причината за тоа, вели, биле реакциите на публиката и поделените мислења во јавноста. Влатко беше еден од 40. изведувачи што беа ангажирани да настапат вчера на концерти низ 15 градови во Македонија. Заради поделените мислења во јавноста и тој решил да го откаже настапот.

„Должност ми е да ви се обратам вам, на мојата публика. Да, бев дел од листата на изведувачи, но одлучив да не присуствувам и не настапив во Охрид. Ова беше моја голема одлука, околностите не беа лесни и засегнати беа многу страни, но она што секогаш во прв план го ставам е публиката. Овојпат ситуацијата ескалираше и увидов дека во такви моменти не треба да пеам. Верувам дека ќе има многу убави музички настани во иднина каде ќе ја славиме музиката. Никогаш не сум бил политички определен, музиката е таа што ме насочувала и ќе ме насочува во животот“, е дел од неговото соопштение.

Редакцијата на „Репортер“ се обиде да го контактира Лозано за изјава пред концертите, но тој тогаш не одговори на нашите повици.

На концертите што се одржаа вчера низ Македонија настапуваа Архангел, Кирил Џајковски, Љубојна, Елена Ристеска, Ферус Мустафов, ДНК, Дани Димитровска, Кристина Арнаудова, Владо Јаневски и други.