Македонскиот филм „Исцелител“ во кината во Грција

Македонскиот филм „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески на 19 јули ќе почне да се прикажува во кино во Грција. Премиерата ќе биде во легендарното кино „Сине трианон“ во Атина, каде повеќе од 50 години се прикажуваат светски современи достигнувања и филмски класици.

„Исцелител“ изминативе месеци освои повеќе награди, меѓу кои наградата за најдобар филм во меѓународната селекција на фестивалот во Санта Барбара, Калифорнија, една од најзначајните смотри на независен авторски филм во САД, како и признанието од публиката во Солун, и наградата за најдобро сценарио на Фестивалот на медитерански филм во Брисел.

Главните улоги во „Исцелител“ ги имаат Благој Веселинов и Анастас Тановски. Ова е прва македонско-грчка копродукција, а Ставрески вели дека грчкиот продуцент се нафатил да работи на филмот и покрај економската криза во Грција.