Марија Илиќ: Наместо фејк од познати брендови, купете облека што може да си ја дозволите

„Моден викенд Скопје“ е успешна модна приказна која трае веќе девет години. Од идејата како да се  крене модната свест, денес, „Модниот викенд“ е најголем моден настан кај нас. Во пресрет на деновите со мода, за  „Репортер“  Марија Илиќ, ПР менаџер на „Моден викенд Скопје“ раскажа како тргна оваа приказна. Илиќ, ни откри дали Македонките ја следат модата и колку социјалните медиуми влијаат на стилот на жените и девојките. Осумнаесеттото издание ќе се одржи од 1 до 4 ноември на две локации, отварањето е во ФАМЕС, а потоа во хотелот „Мериот“.

Репортер: За два дена почнува 18. издание на Моден викенд Скопје. Вашата приказна почна пред девет години. Како изгледаа почетоците и кои ви беа најголемите предизвици? 

„Во времето кога ‘Моден викенд Скопје’ почна, кај нас подолго време немаше стабилна модна сцена или перманентна платформа за презентација на дизајнерите. На Македонија ѝ се случи Русинката Света Богова Јовановска која имаше визија, трпение, енергија да собере тим и да ја турка оваа приказна веќе 9 години. Предизвиците секогаш постоеле и се уште ги има. Ни беше потребен подолг период да ѝ покажеме на домашната публика дека имаме дизајнери кои навистина имаат добри идеи и квалитетно работат за да им ја покажеме разликата меѓу дизајнерско парче и нешто што го има во масовно производство“.

Репортер: Што ќе понудат дизајнерите за сезоната есен-зима 2018-2019?

„На повеќето дизајнери до последен момент не им ги гледам комплетните колекции, но она што можам да го кажам е дека ќе има навистина што да се види и дека секоја дама ќе се пронајде во некое уникатно парче“.

Репортер: Дали се Македонките во тренд? Ја следат ли светската мода?

„Во последните неколку години забележувам голема разлика и слобода кај нашите девојки, жени и мажи. ‘Инстаграм’ и интернетот, веројатно имаат голем придонес во стилот бидејќи сега толку лесно можете да ги следите најпознатите дизајнери, блогерки, ѕвезди, светски џетсетерки и да се инспирираате за својот изглед.“

Репортер: Каков впечаток добиваш кога ги гледаш девојките на улица, т.е како би ја опишала уличната мода кај нас?

„Постојано велев дека е многу важно да сте адекватно облечени во однос на тоа каде и кога одите и каква порака сакате да испратите. Да бидеме искрени, најчесто првиот впечаток за некој го добиваме токму според физичкиот изглед и облеката што ја носи.  Не сакам жени што носат бренд по секоја цена или имитација на познати брендови. Сметам дека е подобро да си купите некое парче што можете да си го дозволите наместо фејк од некој познат бренд. Во Скопје на располагање имаме брендови за сечиј џеб и можност да се облечете убаво. На улиците гледам се повеќе модно освестени луѓе кои не се плашат да го изразат својот стил. Секој од нас има моменти кога можеби ќе направи некоја модна грешка или ќе облече нешто што можеби и не прилега идеално, но најважно е да се биде свој, да се има личен печат без тенденција да бидете комплетен клон на некој друг.“

Репортер: Секој ‘Моден викенд’ носи нови имиња – дизајнери, модели, соработници. Можеш ли да одвоиш посебно впечатлива ревија или име што би сакала да ја претстави колекцијата во Скопје?

„Ќе звучи како клише но секоја ревија си е посебна на свој начин, најмногу заради креациите, а потоа и поради амбиентот. Омилени ми се ревиите на неочекувани локации или со некој оригинален печат. Низ годините навистина имавме најразлични презентации а за некои се уште се зборува. Лично, би сакала домашниот пазар да стане поатрактивен и модни куќи и дизајнери од Европа да имаат желба и исплатливост да учествуваат кај нас, а потоа да ги продадат своите креации овде. Се трудиме и одиме напред па за пролет 2019 година ќе имаме големи изненадувања“.

Андријана Јовановска

Текстот Марија Илиќ: Наместо фејк од познати брендови, купете облека што може да си ја дозволите е превземен од Reporter.mk.