Наметката на Силвестер Сталоне не била дел од сценариото

Серијалот филмови за Рамбо е еден од најпопуларните на сите времиња. Ги гледале многумина луѓе ширум светот, и тоа во повеќе наврати, а најверните обожаватели напамет го знаат секој детаљ од овие остварувања.

Но, Силвестар Сталоне, кој го глумеше неуништливиот војник Џон Рамбо, открива една непознаница од првиот серијал, филмот „Рамбо: Прва крв“ од 1982 година. Во ова остварување Рамбо во еден момент носи пончо, префрлена наметка со отвор за главата, а Сталоне објаснува од каде ја набавил.

„Ова не го знаат многумина, но во северна Канада температурата беше под нулата, а јас не бев подготвен за тоа. За чудо, некаде во шумата забележав стар камион, кој се наоѓал на ова место повеќе од 30 години, а под него имаше парче платно. Го зедов ножот, направив дупка и го претворив во пончо. Тоа ме спаси од големиот студ и леден дожд. Ова го немаше во сценариото. Тоа е она што го нарекувате среќно филмско чудо“, напишал Сталоне и ја објавил фотографијата на која носел пончо.

Филмот „Рамо: Прва крв“ имал буџет од 15 милиони долари, а вкупно заработил 125.212.904 долари.