По 30 години Иван Милинковиќ ги напушти „Легенде“

Иван Милинковиќ, пејачот на „Легенде“, по 30 години реши да си замине од групата и да почне соло кариера. Иако со овој потег најмногу ги разочара фановите, тој за српските медиуми вели дека и понатаму е во добри односи со другите членови на групата и дека тоа не значи дека „Легенде“ ќе се распаднат.

„Не е лесно да почнеш отпочеток по 30 години. Но тука сум за публиката и тие го знаат тоа. Новата фаза во мојот живот е последица на дамнешната желба да направам нешто ново и поинакво. Тешко е оти луѓето ме препознаваат како пејач на групата, па долго време размислував дали треба да направам нешто за себе. Така сум воспитан, да бидам емпатичен кон другите. Си велев, нема смисла да одам, како ќе им биде на другите, па со години го одложував заминувањето“, рекол тој.

Иако им најавил дека си заминува пред неколку месеци, јавноста веста за неговата соло кариера ја дозна сега.

„’Легенде’ не се распаднаа затоа што си отидов, тие и понатаму ќе постојат. Ние сме во добри односи, само, на некои луѓе не им е мило што ги оставив, некои се разочарани. Но, ова е најдоброто за сите“, рекол тој.

Иван веќе снимил прва соло песна во поп стил и ќе ја промовира наскоро. Потоа, планира да сними и фолк-песна со трубачи.

Фото: Дамир Дервишагиќ

Текстот По 30 години Иван Милинковиќ ги напушти „Легенде“ е превземен од Reporter.mk.