Семејството ќе му слави роденден на Горан Стефановски

Игор Стефановски, синот на починатиот драматург Горан Стефановски, ги повика сите што го почитуваат делото на неговиот татко на 27 април да дојдат во Дебар Маало за заедно да го одбележат неговиот 67. роденден. Прославата на животот, како што ја нарече тој, ќе се одржи на кругчето спроти „Наџак“, а ќе има читање на делата на Стефановски, проекција на слики и видеа.

„Само да ви кажам дека се планира една мала прослава на животот на Горан Стефановски на 27 април (неговиот 67. роденден), сабота, во Дебар Маало (кај кругот карши Наџак). Прво ќе се сади дрво во малото паркче (ќе има и клупа на која ќе седи негова скулптура, ама тоа подоцна), а потоа ќе има некои кратки читања, проекции на слики и видеа, музика итн. Идејата е да го прославиме неговиот живот и работите што тој ги сакаше, а се разбира и да се видиме и да пијнеме по нешто“, напиша Игор на својот фејсбук-профил.

Тој вели дека наскоро ќе има повеќе информации, а дека дополнително ќе го одредат и времето на настанот.

„За сега само сакав да ве замолам да го резервирате денот. Знам дека е Велигден и дека можеби веќе имате планови, така што без притисок, нема љутиш. Настанот ќе биде јавен, но сепак интимен, бар така го замислуваме за сега. Исто така, ве молам препратете ја оваа порака на луѓе кои мислите дека би биле заинтересирани да дојдат“, додава Стефановски во пораката.

Горан Стефановски почина лани на 27 ноември во Лондон, по кратко и тешко боледување. Неговото тело беше кремирано, а пепелот беше расфрлен во Охридско Езеро.

Фото: Фејсбук

Текстот Семејството ќе му слави роденден на Горан Стефановски е превземен од Reporter.mk.