Снеже Велков: Не ја преболев смртта на Ирина

Водителката Снеже Велков, која пред неколку години се повлече од медиумите и стана пилатес инструкторка, повторно се враќа на ТВ-екраните.

Со нова емисија наречена „Вип на еден ден“, Велков вели дека има за цел да им ја врати насмевката на оние луѓе  кои живеат во тешки услови и се загрозени како материјално така и на други социјални нивоа.

Емисијата има хуманитарен карактер, а ќе се емитува секоја среда од 19 часот на ТВ „24“.

Во пресрет на новата емисија и враќањето пред камерите, за „Репортер“ Снеже раскажува за кариерата, за загубата на нејзината добра пријателка Ирина Митевска, поради која го засака пилатесот, за семејството, за почетоците на телевизијата…

Репортер: Повторно се враќаш на телевизија со нов проект? За што станува збор?

Серијалот „Вип на еден ден“ ги прикажува судбините на луѓето кои добиваат единствена можност да го променат својот физички изглед и да ја вратат смислата на својот живот. Со помош на нашите соработници им помагаме на сите оние кои живеат во тешки услови и се загрозени како материјално така и на други социјални нивоа. Животот никогаш не бил благонаклонет кон овие луѓе, па грижата за себе ја ставале на последното место.,.. Нашите учесници се жртви на општествената неодговорност, на трагични настани случени во еден момент, жртви на безизлезноста и не подадената рака. Но, и тие заслужуваат втора шанса. Низ 45-минутно патешествие ја покажуваме трансформацијата на лицата следејќи ја нивната животна приказна и доловувајќи ги емоциите во текот на преобразбата. За на крајот да ја добиеме трансформацијата и бескрајното задоволство од тоа дека сме направиле добро дело. Сме им овозможиле да се чувствуваат важни, корисни и со мисла дека почнуваат да чекорат во еден нов поубав свет.

Репортер: Зошто толкава пауза?

Едноставно така се поклопија коцките. Мене ми требаше одмор по многу активните периоди. Со „Бекстејџ“, „Х фактор“, „Квизот без поени“, па „Големиот брат“ и „Твоето лице звучи познато“, а и немаше проект што ќе ме предизвика па паузата си дојде некако природно.

Репортер: Држиш тренинзи по пилатес во „Пауер хаус“ каде што ја презема улогата на тренер откако почина инструкторката Ирина Митевска. Како ја преболе нејзината смрт? Колку ти недостасува?

Држев и сè уште држам тренинзи. Пилатесот е мојата љубов и енергија и останувам во таа приказна. Јас бев дел од тимот на Ирина заедно со неа и другите инструкторки, по нејзиното заминување се реорганизиравме во однос на тренинзите и продолживме да ја шириме нејзината идеја и љубов кон пилатесот и вежбањето воопшто. Затоа што таа тоа го заслужува. Ирина сè уште живее, во секоја сала на „Пауер хаус“ е присутна нејзината енергија, секоја вежба носи дел од нејзината мисија, секое нејзино спомнување е насмевка и благодарност што ја споделила со нас, нејзината умешност да активира и мотивира луѓе да сакаат да вежбаат. Недостига нејзината неверојатна досетливост да направи неверојатни кореографии од вежби, недостига нејзината насмевка и несопирлива енергија. Недостига и тоа не се преболува.

Инструкторката Ирина, која и беше една од најдобрите пријателки на Снеже

Репортер: Мајка, сопруга и жена со работни обврски во исто време. Како успеваш да најдеш време за сè?

Ако се сака, се може. И тоа не е ништо страшно, ние жените сме создадени за мултитаскинг. Односно повеќе работи во исто време. Знаете како велат, жената е немоќна само во еден момент, а тоа е додека ѝ се суши лакот на ноктите од рацете, во сите други случаи знае, може и умее да најде решение. Најважно е да имаш на кого да се потпреш, односно да имаш вистински луѓе до себе кога ти е најпотребно, тука мислам на најблиските. Сопругот, мајка ми, свекрва ми и една тетка Тиле без која не би успеале да функционираме во овие 8 години.

Репортер: Колку твојот сопруг те поддржува во работата?

Мојот сопруг Дарко е тој кој всушност го носи најголемиот товар. Ми ја трпи еуфоријата од добро сработените нешта, нервозата ако нешто не успеам, па депресијата од неповолните периоди. Во секој случај бидејќи веќе неколку години заеднички функционираме во нашата семејна компанија, неопходна ни е заемната поддршка за заеднички успех. Се консултираме, се советуваме, креативно се расправаме за да дојдеме до вистинското решение.

Репортер: Дали готвиш, како ја одржуваш линијата? Имаш ли омилен рецепт?

Многу сакам да готвам. Едноставно ме релаксира и ме прави среќна. Уживам во креирањето готварски специјалитети. За жал, поради здравствени причини, со интолеранција на одредени производи не можам да консумирам многу нешта, ама затоа сè што не можам јас да јадам го готвам за моите најблиски. Омилено ми е правење пити било да се солени или благи. Едноставно мирисот на домашно печена пита со јаболко и цимет ми предизвикува чувство на задоволство. А да, и суши обожавам да подготвувам и да јадам.

Репортер: Како го негуваш  изгледот?

Умереноста е мајка на убавиот изглед. Да се биде умерен во сè. Во храната, во козметиката, во облекувањето, во дозираното вежбање, во умереното нервирање (ако е можно), велат и умерено треба да се смееме зошто се појавувале брчки на очите и лицето, е тука јас претерувам. И воопшто не се срамам ако ми се познаваат брчките, па имам 36 години и сè е тоа дел од зрелоста и убавината на една жена…

Репортер: Сакаш ли брендирана гардероба?

Од брендирана гардероба можеби само спортската облека што ја носам во сала, сè останато е купено по принципот ми се допаѓа и добро ми стои.

Репортер: Имаш ли време за излегување, за дружба со пријателите?

Ретки ама квалитетни се нашите дружби. А и повеќе си се сакаме кога поретко се гледаме, немаме време кога да си негодуваме едни на други, па не можеме да се доискажеме кога ќе се видиме.

Репортер: Се сеќаваш ли на почетоците кога првпат застана пред ТВ-камерите?

„Ред хот“ беше мојот прв ТВ-ангажман. Дневна културно-забавна емисија под покровителство на тогашен „Мобимак“ а во реализација на „Томато продукција“. Тогаш мој партнер ководител беше Петар Ѓошев (Петар за појадок и пауза) и всушност тоа беа почетоците на подоцнежните шоубизнис-магазини. Беше тоа голема трема, повторување на најави по неколкупати и големо трпение од страна на целиот тим. Со насмевка и позитивна енергија се сеќавам на заедничките прилози

Љубиша Владимиров

 

Текстот Снеже Велков: Не ја преболев смртта на Ирина е превземен од Reporter.mk.