Светлана Бојковиќ изреволтирана заради карантинот ја исплука Владата на Србија

Глумица Светлана Цеца Бојковиќ е револтирана од мерките на Владата на Србија со кои на лицата постари од 65 години долго време им беше забрането да излегуваат од дома. Потоа тие добија можност да пазарат меѓу 4 и 7 часот наутро, а пред да се укине полицискиот час во земјата, им дозволија половина час за движење, но не подалеку од 500 метри од нивниот дома. Популарната Емилија Попадиќ од серијата „Подобар живот“ вели дека со овие мерки и таа, и сите повозрасни граѓани, биле деградирани.

 

„Мислам дека беше идиотски да нè заклучуваат во нашите куќи. Кучињата можеа да шетаат, но ние не. Можеше да се организира поинаку, така што луѓето над 65 години да имаат најмалку еден час на ден за шетање во време кога другите не можат да излезат надвор. И станувањето во три часот наутро за да се оди во продавница беше толку понижувачко, немам зборови. Некои сироти луѓе одеа. Тоа е голем срам. Не можеше ли да се утврди едно претпладне за пензионерите да одат во набавки, а не да станат во три за да пазарат од четири до седум? Секако дека јас не одев, но многумина одеа“, рече Бојковиќ во интервју за порталот „Нова“.

Глумицата во интервјуто зборува и за проблемите на театарот. Таа требаше да ја толкува една од главните улоги во претставата „Дабогда те мајка родила“, чија премиерата беше закажана за 13 март. Но театарот „Ателје 212“ престана да работи два дена порано, па таа претстава никогаш не се одигра.

„Го чекам крајот на ова, но не се надевам дека ќе ја одиграме претставата пред есен. И, тогаш е прашањето дали публиката ќе се врати или луѓето ќе се плашат да бидат во затворен простор. Оваа ситуација е многу лоша за театарот“, вели Бојковиќ.

 

Текстот Светлана Бојковиќ изреволтирана заради карантинот ја исплука Владата на Србија е превземен од Reporter.mk.