(Видео) Девојката на Малума носи македонски патики

Светските диџејки Наталија Барулич и Естер Анаја од неодамна носат уникатни, рачно изработени патики со розово-виолетови рози од македонскиот дизајнер Сатја Грабулоски. Розите, освен што се препознатливи за ова женско диџејско дуо, се заштитен знак и на колумбискиот пејач Малума, момче на Наталија, а кој се прослави со неколкуте песни што ги сними со Шакира. За „Репортер“ Сатја откри како дошло до соработка со двете девојки.

Наталија Барулич

„Мој пријател ја знае Наталија, па кога ѝ покажал некои од нашите дизајни, рекла дека сака да има нешто препознатливо за себе. На мене и на мојот тим ни беше чест да направиме нешто уникатно за Естер и Наталија. Веднаш штом ги добија патиките, ми испратија порака дека се воодушевени од дизајнот, а неколку пати потоа добив и слики дека ги носат патиките на нивните настапи“, ни раскажа Сатја.

Естер Анаја

Македонскиот дизајнер го привлече вниманието на јавноста лани, кога нацрта патикии за Серхио Рамос, капитенот на „Реал Мадрид“. Изминатава година тој изработи патики за многу познати спортисти: Перо Антиќ, Тимур Дибиров, Андреа Лекиќ, Тигран Барсегјан, Амандин Лејно, а им црташе патики и на светските диџеи Лајк Мајк и Димитри од Вегас, Аксвел и Ингросо. Тој имаше и изложба на патики пред промоциите на филмовите „Војна на ѕвездите“ и „Лига на правдата“, а на кои беа нацртани главните ликови од филмовите.

„Искрено, мило ми е што прераснуваме во име што го препознаваат и надвор од Македонија и што работиме дизајни и за светски познати имиња“, вели Сатја.

Тој додаде дека во моментов со својот тим работи на патики на познат светски спортист, но дека не може да открие за кого додека тој самиот не ги објави фотографиите од патиките.

(А.Ј)

Текстот (Видео) Девојката на Малума носи македонски патики е превземен од Reporter.mk.