(Видео) Масимо фантастичен во Охрид

Хрватската музичка легенда Масимо Савиќ вечерва го одржа својот прв концерт на Антички театар во Охрид. Странецот во ноќта за мерак и уживање на бројната македонска публика ги испеа своите најголеми хитови, песни со кои одбележа 25 години кариера.

„Првпат настапувам во Охрид, не можам да сум посреќен што сум тука вечерва“, ѝ се обрати Савиќ на публиката со многу емоции во гласот.

А публиката уживаше во секоја негова песна и го испрати со овации и громогласен аплауз. „Човекот растури“, „Бура од емоции“ се само дел од коментарите на социјалните мрежи за фантастичниот концерт на популарниот музичар.

Во ексклузивното  интервју за „Репортер“ што Масимо го даде пред концертот, ни откри дека настапите во живо му се најважни, ама дека и по 25 години на сцената се уште чувствува позитивна трема.

„Затоа секој настап ми е посебно искуство, а настојувам тоа и публиката да го почувствува. Очекувајте голема забава со добра музика и добри емоции“, рече тогаш Масимо.

Омилениот хрватски пејач утревечер ќе настапи на Хераклеа во Битола. Концертите на Масимо се во организација на Авалон продукција.