Врвни музичари ќе ги изведат најголемите хитови на „Пинк флојд“ во Охрид

На 26-ти јули, на сцената „Долни Сарај“ во Охрид ќе се случува премиерата на NUMB – Tribute to Pink Floyd, проект зад кој стојат 11 музичари.

Со Ѓоко Танески како вокал, Анатоли Aрнаудоски (гитара), Димитри Алчев (гитара и вокал), Владимир Кречоски (бас гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Никола Јосифоски (сајзери), Горан Папаз (саксофон), Ана Костадиновска (пратечки вокал), Сара Николовска (пратечки вокал), Весна Илиќ Павловска (пратечки вокал), организаторите најавуваат музичко уживање кое ќе ги задоволи апетитите на фановите на култниот бенд.

 На денешната прес-конференција, музичарот Ѓоко Танески истакна дека огромно внимание е посветено на звукот, но и на сценскиот изглед бидејќи, како што рече, Pink Floyd не само што се слуша, туку и се гледа.

„На иницијатива на нашиот гитарист Анатолиј Арнаудоски, кој беше иницијатор на овој проект, се одлучивме за еден ваков поголем чекор. Веќе неколку месеци напорно вежбаме и се подготвуваме за премиерата. Имаме уште време и секако дека ќе направиме песните да звучат онака како што треба.“ истакна Танески.

На настапот ќе бидат изведени дел од највредните дела на култните Pink Floyd, меѓу кои „Shine on your crazy diamond“, „Learning to fly“, „Hey you“, „Another brick in the wall“ и уште 12 безвременски хитови, кои го одбележаа музичкиот карактер и насока на една цела генерација.

Pink Floyd е една од највлијателните и најуспешни рок-групи на сите времиња. Со својата квалитетна мелодика и извонредна хармонија си обезбеди почесно место во историјата на рокот, и е на самиот врв на светската музика. Ако за некоја музичка група може да се каже дека ги премостила психоделичниот рок од 60-тите години на 20 век и електронските рок-експерименти од 70-тите години, сигурно, тоа се секако култните Pink Floyd.